Пругата кон Бугарија конечно излегува од „слеп колосек“

Месецов почнува изградбата на двете делници Крива Паланка, парите се обезбедени и би требало да бидат завршени до крајот на 2025 година


 

Пругата кон Бугарија конечно излегува од „слеп колосек“ – до 18 овој месец фирмите кои се избрани ќе почнат со своите активности на првите две делници, а официјално почетокот на градбата ќе се одбележи на 29 октомври оваа година. Парите за овој проект се обезбедени, завршена е и експропријацијата, па доколку сѐ оди според планот, двете делници до Крива Паланка би требало да бидат завршени до крајот на 2025 година.

Што се однесува до делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, таа се очекува да биде завршена до крајот на 2027 година. Во истиот овој период се и најавите од бугарска страна дека и на нивна територија ќе бидат реализирани неопходните активности, што значи дека потоа би можело да се патува со воз од Скопје до Софија или во спротивна насока.

Ова денес на прес-конференција го истакна Хари Локвенец, генерален директор на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“, кој истакна дека конечно почнува финалната фаза за изградба на пругата кон Бугарија, односно источното крило на Коридорот 8.

„Станува збор за сеопфатна активност со која почнува градбата на првите две делници. Едната од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, која ќе ја гради конзорциумот ‘Штрабак’, за што проектното време е определено на 24 месеци. Меѓутоа, од самата компанија имаме најава дека би завршиле во рок од 18 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија ‘Ѓулермак’ и проектното време за изведба е предвидено да биде 36 месеци. Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата кон  Бугарија до Крива Паланка“, рече Локвенец.

Што се однесува до третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, тој посочи дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот за изведувач да биде завршен до крајот на таа година.

„Почетокот на градбата треба да го означиме до крајот на 2023 година. Проектното време за завршување на овој дел од градбата е четири години. Ве уверувам дека овде не е прашање дали можеме. Поради условите на Европската унија и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност, да го сработиме, ние мора да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата до крајот на 2023 година. Имајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга до  Бугарија“, рече Локвенец.

Сепак, како што истакна, за да стигне возот до Софија или од Софија до Скопје, потребно е и од бугарска страна да се заврши работата.

„Имаме ветување со нивните проекции дека ќе ја завршат до 2027 година. Тоа значи дека сме комплементарни во својата работа и се надополнуваме во реализацијата на овој важен инфраструктурен проект“, рече Локвенец.

Во однос на експропријацијата, која често знае да биде сериозна пречка на големите инфраструктурни проекти, Локвенец посочи дека за да се тврди дека ќе се испочитуваат роковите, според неговото мислење има три предуслови кои треба да бидат исполнети. Првиот е да бидат обезбедени пари.

„Парите се обезбедени со огромна помош од Европската унија и грант средства кои ги имаме добиено од неа. Втор, мора да ја пренесам благодарноста до канцеларијата на ЕБРД во Скопје и сето ова до кај што стигнавме немаше да бидеме во можност да го реализираме без нивна огромна помош“, рече Локвенец.

Вториот предуслов, кој во Македонија може да биде и најголем проблем, е културното наследство, или археологијата.

„Од релевантни државни институции потврдено е дека на самата траса на пругата нема големи археолошки наоѓалишта и некрополи кои би го спречиле или би ја забавиле изградбата на овој проект“, рече Локвенец.

Во однос на експропријацијата, како што уверува, за прв пат пред почеток на самата градба „Македонски железници – инфраструктура“ стопроцентно ја има завршено и таа нема да претставува закана во натамошниот тек на реализација на овој проект.

Локвенец додаде уште еден момент – квалитетот и посветеноста на самите фирми изведувачи за што се надева дека сме се избрани вистинските и дека станува збор за капацитативни компании со желба и да се докажат пред европскиот пазар дека се подготвени да реализираат ваков проект.

Инаку, Бугарија за Коридорот 8 има добиено 1,8 милијарди евра од ЕУ која целосно ќе ја финансира изградбата на нова траса од Софија кон Ѓуешево.

Во однос на реализацијата на Западното крило од Коридорот 8, кој води кон Албанија тој рече дека е исклучително важен и дека со со неговото завршување би се завршил целиот Коридор 8. Станува збор за делница во должина од 63 километри, која треба да се протега од од Кичево до Лин. Локвенец вели дека поради забелешките од УНЕСКО ќе има промена на трасата во делот кон Лин, поради потенцијални ризици по Охридското Езеро од градбата на логистичката инфраструктура на пругата. Се очекува оваа делница да биде завршена до 2030 година. Инаку, од потребните 530 милиони евра колку што се проценува дека ќе чини, половината или 50 отсто се најавува дека ќе се обезбедат во форма на грант од ЕУ.

„Тоа е од исклучителна важност за нашата држава бидејќи на таков начин ќе се поврзат Драч како јадранско или средоземноморско пристаниште со пристаништата Бургас и Варна во Црното море. Со поврзувањето на средоземноморскиот со црноморскиот регион ние го градиме континенталниот Босфор на Балканот и во Европа“, нагласи Локвенец.

Тој додаде дека со завршувањето на нашиот дел од Коридорот 8 придонесуваме кон креирање на коридор со кој ќе се поврзат три НАТО држави, како и дека ќе придонесеме преку овој коридор да учествуваме во промовирање на европската зелена агенда.

„Само преку железници вие можете да пренесете 1.500 тони производи во еден здив, и со минимум загадување на околината што е исклучително важно. Исто така, поврзано со европските иницијативи и агенда, единствено ние и Албанија недостасуваме во иницијативата Три мориња, многу интензивна во овој момент од страна на Европската унија а тоа е поврзувањето на Балтичкото со Црното и Јадранското Море“, рече Локвенец.

Тој исто така најави дека во вторник, на 11 октомври, за прв пат како претставници на земја не членка на ЕУ во Брисел ќе биде во можност пред европратениците да ги промовира македонските инфраструктурни проекти во железницата, како до сега сработеното, така и сите идни планови кои се во насока на исполнување на европската стратегија поврзана со железничката инфраструктура. (М.Ј.)