Протести во американски и европски градови против отпуштањата што ги спроведува Одделот предводен од Маск

Демонстранти се собраа вчера пред салоните за автомобили на компанијата „Тесла“ во неколку американски и европски градови, протестирајќи против отпуштањата од работа, што ги спроведува американскиот Оддел за владина ефикасност предводен од Илон Маск.
Најголем дел од неговото вкупно богатство, проценето на 340 милијарди долари, е во акциите на „Тесла“, со кои тој продолжува да управува додека соработува и со претседателот Доналд Трамп, пренесуваат агенциите.
Во обид да ја загрозат продажбата на компанијата „Тесла“, демонстрантите прво се собраа пред нејзините продажни салони во Њу Џерси, Масачусетс, Конектикат, Њујорк, Мериленд, Минесота и Тексас.
Протести беа организирани и во други поголеми градови како Вашингтон, Чикаго, Синсинати и Сиетл, како и во Лондон пред продажниот салон на „Тесла“.