Протест во Тирана, летаа молотови коктели и пиротехнички сретства


Најавен како мирен протест, со марширање низ Тирана, вечерашниот собир на опозицијата многу не се разликуваше од претходните, освен што немаше обраќање на претставници на политичките партии.

Приврзаниците се собраа пред зградата на владата, каде почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон објектот, поради што мораше да интервенира противпожарно возило. Полицијата ја растури толпата со  водени топови и солзавец. 

Предводени од демократскиот лидер, Сали Бериша протести имаше и пред објектот на Министерствата за внатрешни работи, за инфраструктура, како и други институции, меѓу кои и парламентот. Полициски специјалци ја блокираа  улицата кон поранешната вила на Енвер Хоџа, сега културен центар, врз кого минатиот протест фрлаа молотови коктели, во момент кога имало настан со странски уметници. 

 

Молотови коктели беа фрлани и кон полициски возила.

За првпат, покрај албанското и знамето на ЕУ,  можеше да се видат и германски знамиња, во знак, како што објаснија од партијата,  на „почит за поддршката на германскиот Бундестаг за мисијата на ДП”.

Опозицијата го избра датумот 22 март за овој протест поради историска симболика, бидејќи овој ден се совпаѓа со победата на Демократската партија на првите плуралистички избори во 1992 година, по падот на комунистичкиот режим во земјата.

-Денешниот ден, 22 март, е уште еден голем ден во историјата на демократијата во Албанија, тоа е денот на кој пред 34 години, Албанците се збогуваа од комунистичката диктатура со својот слободен глас. Сега, по  34 години, Албанија е под услови на авторитарна диктатура, или изборна автократија. Му покажавме на Еди Рама и на светот дека никогаш не се согласуваме со изборни фарси, изјави Бериша пред почетокот на протестот.

За безбедноста беа ангажирани над 1600 полициски службеници, како и припадниците на специјалните полициски единици.