Протекоа детали за предбрачниот договор на Роналдо и Џорџина


Кристијано Роналдо речиси никогаш не прави потег што останува незабележан, па веста за неговата свршувачка со долгогодишната партнерка Џорџина Родригез предизвика голем бран минатата недела.

По осум години врска, Португалецот конечно го постави „прашањето над сите прашања“, а одговорот на Џорџина беше, како што се очекуваше – да. Дијамантски прстен веднаш заблеска на раката на познатата инфлуенсерка, со што Роналдо, кој сега има 40 години, јасно покажа дека не штедел.

Нивната љубовна приказна трае од 2016 година, но двојката, како што дознаваат португалските медиуми, решила да се осигура од помалку посакуваното сценарио – евентуално раскинување. За да избегнат долги преговори и конфликти околу имотот, предбрачниот договор дефинира и клаузули за случај на развод.

Според весникот ТВ Гуја, во тој случај на Џорџина би ѝ била загарантирана доживотна „пензија“ од речиси 100.000 евра месечно. Покрај тоа, таа би поседувала луксузна вила во Мадрид, сместена на парцела од 4.000 квадратни метри, за која Роналдо плати пет милиони евра во 2010 година.

Иако ова се суми што звучат нереално, во контекст на приходите на Роналдо во Саудиска Арабија – каде што заработува околу 208 милиони евра годишно – овој дел од имотот би претставувал само симболичен износ за него.