Пропадна предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на рокот за пасошите со Република Македонија


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки извести дека  пратениците на ДУИ и на СДСМ  одбиле да го стават на дневен ред предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ за измена на рокот до кој ќе важат пасошите со  име Република Македонија. Предлогот од власта беше оценет како кршење на Преспанскиот договор и како иницијатива која има цел само пи-ар, бидејќи е неспроведлив надвор од Македонија. 

-Одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да отпочнеме преговори со Европската унија.Во 21 век, да ограничувате слобода на движење на луѓе, да кршите Уставни права за влез и излез од сопствената држава, да свесно оневозможувате право на лечење на болни надвор од нашата држава, да го ограничувате правото на секој да може да бира и да биде избран се граничи со лудост.За здрав ум е несфатливо да имаш законска можност да им помогнеш на своите граѓани, да имаш шанса да исправиш проблем кој сам си го создал, притоа истото да нема никакви финансиски импликации, т.е. да не чини пари, и тоа да го одбиеш, изјави Ковачки по пропаѓањето на иницијативата.

 ВМРО-ДПМНЕ предлагаше одложување на важноста на патните исправи односно патните исправи со натписот „Република Македонија“ да важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека изменувањето на Законот било неопходно поради тоа што било извесно прекршувањето на уставното загарантирано право на граѓанинот на слободно движење, односно слобода на движење утврдено во членот 27 став 2 од Уставот на Република Македонија “.