Пронајден и приведен 19-годишникот кој вчера прегази тригодишно девојче во Визбегово и избега
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е приведен 19-годишниот возач кој вчера удри тригодишно девојче на велосипед и избега од местото.
– Денеска (20.06.2026), полициски службеници од Одделението за увид на сообраќајни незгоди го пронајдоа возилото и го идентификуваа возачот. Станува збор за патничко моторно возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки управувано од Џ.Б.(19) од скопското село Добрино. Над возилото е извршен преглед и фотографирање, а со возачот е извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти МВР.
Несреќата се случи вчера околу 19 часот во селото Визбегово, а девојчето со тешки телесни повреди е пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.