Промовиран Концепт за развој на регионалните центри за стручно образование и обука


Концепт за развивање на регионалните центри за стручно образование и обука промовираше денеска Министерството за образование и наука. Документот е подготвен во соработка со УНДП и се однесува на три регионални центри кои треба да бидат образовни установи за стручна подготовка на граѓаните во различни области, со што ќе се зголеми нивната вработливост, а ќе се намали невработеноста во земјава.

Од неодамна функционираат три регионални центри за стручно образование и обука, формирани со трансформација на средните стручни училишта „Моша Пијаде“ – Тетово, „Ванчо Питошески“ – Охрид и „Киро Бурназ“ – Куманово, и функционираат во Југозападниот, Полошкиот и Североисточниот Регион.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на промоцијата на развојниот концепт соопшти дека во регионалните центри, покрај средства од државата, се инвестира и од ЕУ, УНДП и од други партнери. Идејата за концептот, рече тој, е на МОН, како заложба за модернизација на стручното образование кое треба да развие вештини, компетенции и претприемачки дух.

-Државата има дефицит на стручен кадар од многу области. Иницијативата за формирање на овие регионални центри за стручно образование и обука почна со спроведување истражување за образовната понуда и побарувачката на работни вештини на пазарот на трудот. Во таа насока, во центрите се развија и се нудат осум квалификации: машински техничар за моторни возила, електротехничар за компјутерска технологија и автоматизација во Тетово, угостителски техничар, келнер и готвач во Охрид, прехранбен техничар, техничар за хербална медицина и земјоделски техничар во Куманово. Тие се составен дел и од новиот Конкурс за упис во средното образование за 2022/2023 година. Дополнително, регионалните центри нудат можност за доквалификација и преквалификација на повозрасните граѓани со цел да најдат свое место на пазарот на трудот, рече Шаќири.

Постојаниот претставник на УНДП во државата Армен Григорјан посочи дека регионалните центри за стручно образование и обука се предвидени во Стратегијата за образование 2018-2025 како стратешка определба на Владата и Министерството за образование и наука.

-Се очекува дека со формирањето на регионалните центри за стручно образование и обука ќе се подобри и ефикасноста на реформите на стручното образование и обука преку централизацијата на инвестициите, но и со промоција на иновациите во стручното образование и обука базирани на добри меѓународни практики, рече Григорјан.

Нагласи дека УНДП се гордее што е избран партнер за да работи со МОН и сите засегнати страни за да го направи образованието порамноправно и пофокусирано на самите ученици.

Григорјан посочи дека приватниот сектор има важна улога во напорите за создавање успешни партнерства и мрежен придонес за постигнување на целите на одржлив развој и дека партнерството меѓу јавниот и приватниот сектор во учењето и образованието има најголема перспектива за успешна соработка.