Уапсен судија од Врховен суд поради сомневање за примање награда за противзаконито влијание


Фото: Б. Богдановска

Полицијата денеска уапсила судија од Врховен суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело.

Од МВР дополнуваат дека се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител.

Уапсениот судија има право да се повика на судиски имунитет за кој одлучува Судскиот совет на седница на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас.

Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори објавија дека станува збор за врховниот судија Наке Георгиев, кој бил фатен со 10 000 евра. Тој, наводно бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп во врска со судски случај. Наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана.

Полициски извори за телевизијата Телма потврдиле дека судијата Георгиев бил префрлен, односно се наоѓа во полициската станица Кисела Вода. Во моментот, како што претходно објави телевизијата е постапка поврзана со судскиот имунитет кој го ужива Георгиев, а за кој одлучува Судскиот совет. 

Имено, за имунитетот на судиите е задолжено ова тело, кое при евентуални криминалистички истраги против судии и мерките кои се бараат од надлежените истражни органи треба да биде известено и да донесе одлука во однос на имунитетот.  

Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функкција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители.  

Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.

За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии.