Промоција на книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ на Мојсова-Чепишевска


Во Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ), денеска ќе биде промовирана книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на „Панили“.

Наместо класична промоција, книгата ќе биде претставена преку разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, нејзина поранешна студентка и авторка на магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца. Со тоа, настанот добива симболична димензија на дијалог меѓу професорката и новата генерација истражувачи.

Извадоци од делото ќе читаат Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, студентки на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ отвора простор за современо читање на книжевноста за деца, нагласувајќи ја како значајна и комплексна културна област во која се преплетуваат нарацијата, детската имагинација, јазикот, воспитувањето и современата култура. Делото може да се чита како вовед во теоријата и поетиката на оваа книжевност, но и како преглед на нејзиниот развој.

Во неа, Мојсова-Чепишевска ги преиспитува познатите ликови и книжевни модели во нов контекст, следејќи ја улогата на детето како читател и толкувач.

Весна Мојсова-Чепишевска е реномирана македонска книжевна теоретичарка, критичарка и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со долгогодишен ангажман во проучувањето и афирмацијата на македонската книжевност, особено на книжевноста за деца.

Промоцијата, како што најавуваат организаторите, претставува можност за пошироката публика да се запознае со дело што ја афирмира книжевноста за деца како важен сегмент од современиот културен и книжевен живот.