Пролетни прогнози: ЕУ предвидува пад на македонскиот БДП од 3,9 отсто

Европската комисија предупредува дека кризата ја погодува земјата во време кога фискалниот простор е ограничен и кога за отплата доаѓаат големи износи на долг во 2020 и 2021 година

За годинава речиси сите економски показатели се со негативен предзнак – приватната потрошувачка се предвидува да се намали за 2,5 отсто, извозот на стоки и услуги ќе се намали за 11 отсто, увозот за 9,2 отсто, вработеноста за 1,7 отсто…

 

Пад од 3,9 отсто на македонскиот домашен бруто-производ во оваа година и враќање на патеката на економски раст од 4 отсто идната година, предвидува Европската комисија во Пролетните економски прогнози, што беа објавени денес. За годинава речиси сите економски показатели се со негативен предзнак – приватната потрошувачка се предвидува да се намали за 2,5 отсто, извозот на стоки и услуги ќе се намали за 11 отсто, увозот за 9,2 отсто, вработеноста за 1,7 отсто, а стапката на невработеност ќе се зголеми на 18,1 отсто што е речиси за еден процентен поен повеќе од минатогодишните рекордно ниски 17,3 отсто. Единствено пораст годинава се предвидува кај јавната потрошувачка за 2,7 отсто.

Ако е за утеха, Македонија и во пролетните прогнози на Европската комисија е со најмал пад на БДП во однос на земјите од регионот, како што тоа беше и во извештајот на Светска банка објавен неодамна.

Така, за Албанија, Европската комисија за годинава предвидува пад на БДП од 4,8 отсто и раст од 4,2 отсто наредната година. Црногорскиот БДП според ЕК годинава ќе падне 5,9 отсто, а во 2021 година ќе забележи раст од 4,4 отсто. Србија, пак, годинава ќе има пад на БДП од 4,1 отсто, но за идната година Европската комисија предвидува силен раст од 6,1 отсто. И моќната турска економија годинава ја чекаат тешки моменти – падот на БДП ќе изнесува 5,4 отсто, а в година ќе има пораст од 4,4 отсто, предвивдува ЕК.

Инаку, во делот на извештајот за нашата земја, Европската комисија вели дека по забрзувањето на економскиот раст во 2019 година, перспективата значително се влоши како резултат на пандемијата со Ковид -19.

– Надворешната побарувачка е силно погодена од нарушувања во трговијата, додека локалните мерки кои беа преземени ја ограничија домашната побарувачка. Поради остриот пад на јавните приходи и фискалните мерки за ублажување на кризата, значително ќе се зголем јавниот дефицит и нивото на долг во 2020 година. Во најпосакуваното сценарио, засновано на постепено олеснување на ограничувањата и закрепнување на странската побарувачка, економијата би започнала да закрепнува во втората половина на годинава, а растот ќе продолжи во 2021 година, се вели во Пролетните економски прогнози на Европсската комисија.

Во извештајот се наведува дека минатогодишниот раст на БДП од 3,6 отсто беше поткрепен од домашната побарувачка. Приватната потрошувачка поттикната од зголемените плати, социјалните трансфери, дознаките од странство и кредитирањето на домаќинствата растеа побрзо отколку во претходната година. Инвестициите кои беа слаби претходните две ипол години се зголемија во втората половина на 2019 година, се вели во извештајот.

Но, ваквиот тренд беше нагло прекинат во март, кога кризата со Ковид-19 доведе до масивно блокирање на економските активности, а сличните мерки кај главните трговски партнери на земјата доведоа до нарушувања во трговијата. Затворањето на продавниците и на фабриките ја намали домашната активност и надворешната трговија, додека забраните за патувања влијаеа врз туризмот и транспорт.

– Основното сценарио претпоставува блокадата да трае до крајот на мај и економијата би можела да почне да закрепнува од третиот квартал, се вели во прогнозата.

Од Европската комисија исто така констатираат дека наглото влошување на економските изгледи кај најголемите извозни пазари за нашата земја, во комбинација со нарушувањата кај синџирите на снабдување, ќе доведат до значителен пад на извозот. Особено ќе бидат погодени главните извозници, односно странските компании, како што се производителите на автомобилски компоненти кои се соочуваат со застој во производството на автомобили во Германија и со увозни нарушувања поради состојбите во Кина.

Понискиот извоз и падот на домашната побарувачка ќе доведе до значително намалување на увозот. Порастот на домашната активност и на надворешната побарувачка би се вратиле во 2021 година, се вели во прогнозите. Во однос на инлацијата, во Пролетните прогнози се вели дека во 2019 година, потрошувачките цени пораснаа умерено, пред се поради повисоките цени на храната, алкохолот и тутун и здравствени услуги, а се намалија цените на енергијата и транспортот. Во 2020 година, индексот на потрошувачки цени се очекува да биде понизок во однос на минатата година како резултат на помалиот притисок на домашната побарувачка, надополнети со пониските цени за енергија и производи.

Веројатно најмногу загрижувачки се прогнозите за јавните приходи, кои според ЕК, во основното сценарио, ќе се намалат за 25 отсто во 2020 година, што е резултат на силното забавување на економската активност што ќе ги ограничи приходите од даноци и придонеси. Покрај тоа, се вели во извештајот, Владата овозможи големи даночни одложувања на компаниите кои беа најмногу погодени од кризата. И покрај два сета мерки за фискална поддршка во износ од 200 милиони евра, владата планира да се придржува кон своите оригинални цели за трошење со пренаменување на средствата во рамките на Буџетот, се вели во прогнозата.

Од Европската комисија се предупредува дека кризата ја погодува земјата во време кога фискалниот простор е ограничен и кога за отплата доаѓаат големи износи на долг во 2020 и 2021 година. Недостигот на приходите оваа година ќе доведе зголемување на долгот над нивото што претходно се предвидуваше. Ваквиот степен на задолженост, во зависност од времетраењето и сериозноста на кризата, може се стабилизира околу нивото од 2019 година дури и по 2021 година, се вели во Пролетните економски прогнози.

Слични се оцените и за пазарот на трудот. Како што се посочува, креирањето работни места беше особено силно во 2019 година што овозможи пад на невработеноста. Но сега може да се случи обратен процес. Запирањето на производството кај некои компании доведе до присилни годишни одмори. Сепак, како што се наведува, повеќето компании основани со странски капитал се воздржаа од отпуштања, претпочитајќи да ги задржат вработените. Исто така се додава дека во изминатите години многу работни места биле поврзани со трошења на владата (како мерки за вработување, СДИ, јавни работи). Овие средства сега можат да се намалат што би го пролонгирало враќањето на пазарот на трудот на ниво пред корона кризата.

Од Европската комисија исто така предупредуваат и на високото ниво на ризици за македонската економија, што најмногу ќе зависи од тоа како кризата ќе влијае кај надворешните економски партнери и врз синџирите на снабдување. На домашен план, пак, ставањето на економијата под клуч ќе доведе до остар пад на вработеноста, на расположливиот приход, како и кај трошењата на домаќинствата и приходите на владата. Доколку дојде до поголем пад од предвидениот на приватните трансфери од странство тоа дополнително ќе ги намали изворите на финансирање, се вели во Пролетните економски прогнози на Европската комисија. (М.Ј.)