Проф. Калајџиев: Законот за рестриктивни мерки е според правен акт на друга држава


Фото: Б. Грданоски

 

Професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, вели дека законот за рестриктивни мерки, за кој денеска повторно ќе расправа Владата, правни акти на друга држава (особено ако со нив се ограничуваат правата на граѓаните) не може да имаат важност без да бидат признаени во согласност со домашното и меѓународното право.

Тој вели, во текст за „Трилинг“ дека Владата верува оти со законските измени ќе придонесе за поголема ефикасност во борбата со овие појави, а особено да се поттикне јавното обвинителство ревносно да постапува по сомневањата за висока корупција. Битна цел на Владата, наводно, е да се обиде да се провоцира брза и енергична реакција на јавното обвинителство и другите надлежни органи врз основа на т.н. црни листи на владата на САД.

„Но, правен основ за мерка со која се ограничуваат човековите права не може да биде правен акт на друга држава (уште помалку некаква ‘црна листа’, во суштина политичка одлука, донесена без учество на лицето на кое се однесува). Правни акти на друга држава (особено ако со нив се ограничуваат правата на граѓаните) не може да имаат важност без да бидат признаени во согласност со домашното и меѓународното право. Дури и судските пресуди мора прво да се признаат, а еден од условите е тие да се донесени во постапка во присуство на лицето на кое се однесуваат. За да ја прикрие оваа тешкотија, предлагачот ќе завлезе во цела една правна авантура“, вели Калајџиев.

Според него, најголем проблем во донесување на мерките е прескокнувањето на судот (јавното обвинителство). Денес судот се смета за главен заштитник на човековите права, а во случајов се засегнати презумпцијата на невиност, правото на мирно уживање на приватната сопственост и политичките права на учество на избори. „Сосема непотребно, но и сосема намерно, извршната власт се става над судската заради изразено незадоволство од ефективноста и брзината во постапувањето на судските власти и јавното обвинителство, со што практично се врши отворен удар врз уставниот поредок со кршење на 11 одредби на Уставот.

Ставањето на Владата на чело на борбата со корупцијата и организираниот криминал не само што го крши Уставот и меѓународното право со самото тоа што е спротивно на начелото за поделбата на власта и на владеењето на правото, туку е спротивно на сите сознанија за корупцијата затоа што политичката елита на извршната власт по правило е мотор на корупцијата и впрочем по природата на работите е во најповолна положба да ја злоупотребува власта концентрирана кај неа“, нагласува професорот.

Тој вели дека борбата со корупцијата и организираниот криминал да се држи до инструментите, мерките и механизмите востановени со домашното право и меѓународните конвенции. „Нема никаква пречка овие алатки и институции да се зајакнуваат а нивната домашна и меѓународна соработка да се унапредува и надградува. Меѓутоа, идејата слабостите на правосудните институции да се компензираат со активности на владата (или на странски влади) со кои се крши уставниот поредок и меѓународните човекови права и слободи е едноставно погрешна и не одговара на степенот на нашата цивилизација“, заклучува Гордан Калајџиев.