Продолжува поддршката за домаќинствата и за компаниите за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност


 

Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече Бектеши на прес-конференција во Владата, за овие три мерки се предвидени вкупно 70 милиони денари или 1,15 милиони евра.

„Со ваквите инвестиции во обновливи извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза. Предвидени се вкупно 70 милиони денари или 1,15 милиони евра кои ќе се користат за следните мерки: надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 15 милиони денари, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 проценти, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година во вкупен износ од 25 милиони денари, како и надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 30 милиони денари“, информира министерот.

Огласите за овие три мерки ќе бидат објавени кон почетокот на март годинава.

Според Бектеши, ќе продолжи и поддршката на компаниите за изградба на фотонапонски централи.

„Енергетската криза покажа и колку се важни инвестициите во обновливи извори на енергија. МЕ и оваа година продолжува со поддршка на компаниите за изградба на фотонапонски централи“, рече Бектеши.

За поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2023 година се предвидени 60 милиони денари односно еден милион евра за изградба на фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќност до 60 мегавати.

„За оваа мерка има огромен интерес во континуитет“, рече министерот, посочувајќи дека од првиот оглас на Министерството за економија за изградба на фотонапонски централи на државно земјиште во вкупен инсталиран капацитет од 25 мегавати во Свети Николе сите централи се изградени и пуштени во употреба.

Од вториот оглас за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште во вкупна инсталирана моќност од 23 мегавати, десет централи со вкупна инсталирана од осум мегавати се пуштени во употреба а останатите се градат, додека за третиот оглас кој беше за фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќност од 80 мегавати минатата година, беа потпишани сите договори со инвеститорите кои имаат рок од три години да ги изградат своите капацитети, појасни Бектеши.

„Со олеснување на условите за изградба кои ги направивме минатата година очекуваме уште поголем интерес кај инвеститорите за изградба на фотонапонските централи и согласно програмата и очекувањата на владата до крајот на 2023 година за прв пат да имаме над 300 мегавати инсталиран капацитет во нашата држава“, рече Бектеши.