Приватните специјализанти ја прекинаа работата – во 14 часот имаат средба во Влада
Приватните специјализанти денеска ја прекинаа својата работа, не дежураат, не одат во амбуланти, затоа што по неколку разговори со министерот за здравство, немаат ветување дека нивните барања ќе бидат исполнети.
– Нашите барања се покачување на надоместокот којшто во моментов изнесува 26.000 денари, бараме истиот да биде на ниво на просечна плата на договор во јавна сздравствена установа. исто така бараме да има здравствено осигурување, кое во моментов го немаме и третото наше барање е решавање на нашиот статус којшто во моментов е невработени, односно лица без здравствено и пензиско осигурување со договор на дело – рече д-р Христина Илиоска – Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.
Околу 400 приватни специјализнати од сите насоки денеска не работат, а Клиниките се организирале, повикувале специјалисти за да ги покријат нивните смени.
– Минатиот месец имавме средба со министерот за здравство Илир Демири, кога ни ветија дека нашите барања ќе бидат претставени на следната владина седница, но тоа не се случи. Денеска добивме известување дека ќе се одржи средба во Влада, но немаме информации кој сѐ ќе присуствува – додаде д-р Илиоска – Чешлароска.
Рече деја нивниот штрајк ќе продолжи додека не добијат писмена гаранција дека нивните барања ќе бидат исполнети.
– Штрајк значи дека нема да работиме, нема да држиме дежурства, нема да се појавуваме во амбуланти, значи целосно бојкотирање на работниот процес, а штрајкот ќе трае до исполнување на нашите барања – додаде специјализнтката
Појасни дека ги контактирале од министерството за здравство дека во 14 часот во Влада ќе има средба, на која не знаат кој сѐ ќе присуствува, но дека ќе има претставници на специјализантите.
Ако ги уверат дека по 8 мај, поизборите ќе ги добијат нивните права, тие ќе продолжат со работа, но дека за тоа им треба писмено уверување.
Д-р Тамара Пеоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија прва година, вели дека е од новите специјализнати и ваквите состојби ги демотивираат. Велат дека работат долги часови и сѐ она што работи и специјалист, но дека тоа не е наградено соодветно.
Кажа пример дека кога имала труење, инфузијата морала да ја плати 1.000 денари.
Дополнително појаснија дека надоместокот за специјализација им се прекинува доколку некоја замине на породилно отсуство, а исто така и ако детето им е болно.