Притвор за ексминистерот Бектеши и директорите Трајковски и Максути

Основниот суд во Кочани одреди краткотраен 48-часовен притвор за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, за поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски и екс директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути. Сите тројца синоќа беа спроведени од Полициските станици од Тетово и Скопје во Основниот суд – Кочани.
Градоналникот во оставка, Љупчо Папазов вчера по распитот, беше пуштен дома, соопшти Обвинителството. За Папазов дополнително ќе се одлучува каков статус ќе има во постапката.
– Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката, информираа од Обвинителството.
Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој починаа 59 лица, а над 155 се повредени.
Во краткотраен притвор моментално се наоѓаат 14 лица.