Припадник на Жандармеријата ранет пред амбасадата на Израел во Белград, напаѓачот е убиен


Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека непознато лице, чиј идентитет се утврдува, со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на должност да ја обезбедува израелската амбасада, јави дописникот на МИА од Белград.

– Денеска околу 11 часот непознато лице, чиј идентитет се утврдува, пукало со самострел кон припадник на Жандармеријата кој бил на должност за обезбедување на израелската амбасада и го погодил во вратот, изјави Дачиќ.

Припадникот на Жандармеријата М.Ј. (1990) употребил оружје во самоодбрана и го совладал напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.

Полицаецот во свесна состојба бил пренесен во Ургентниот центар каде ќе се изврши операција за отстранување на стрелата од вратот.

– Во моментов се истражуваат сите околности на нападот и можните мотиви, изјави министерот Дачиќ.