„Прилично го изложивме Буџетот“: Мицкоски за мерките за справување со енергетската криза
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека ќе има дополнителни мерки за справување со енергетската криза, но дека треба да се има предвид дека Буџетот до сега бил прилично изложен. Во интервју за ТВ Сител тој се пофали дека според ММФ Македонија била на трето место според преземените мерки, но не прецизираше колку тие мерки го чинеле до сега Буџетот и што ќе значи за буџетскиот дефицит. Владата во изминатиот период реагираше со намалување на Данокот за додадена вредност и со намалување на акцизите за горивата, а покрај тоа имаше и дополнителен попуст од ОКТА, најголемиот снабдувач со енергенти во државата.
„Ќе има дополнителни мерки иако ние досега прилично многу го изложивме буџетот и ќе треба да видиме, бидејќи еве втор месец завршува од кризата која е историски најголема според Светската енергетска агенција, оваа криза е поголема од онаа во 2022 година и двете кризи во седумдесеттите години заедно, а ние сме таму каде што сме и сега сметајте да имате по 30, 40 или 60 отсто по литар поевтино гориво од соседите. Тоа е успех, дали е доволно, не е доволно, дали тешко се живее, да, но ќе се бориме да биде подобро“, нагласи вечерва премиерот Мицкоски.
Тој потенцираше дека двете кризи и оваа сега и таа 2022 година се почнати во ист месец, но тогаш инфлацијата била над 10 отсто, додека сега е 4,5 отсто-4,9 отсто.
„Второ, излезе Меѓународниот монетарен фонд јасно кажа дека ние како држава сме трета во Европа според мерките коишто ги применивме визави процент од бруто домашниот производ. Тешко се живее, точно, никој не вели дека се живее лесно, тешко се живее и во Германија, еве сега се враќам од Австрија, тешко се живее и во Австрија, таму пак литар бензин и дизел се над 2 евра, па сега морале да ослободат околу 50 илјади барели од државните резерви да може да амортизираат цена, секаде тешко се живее. И тогаш стандардот во Германија, Франција, Италија, Австрија бил поголем од тој што бил во Македонија, но прашањето е дали таа разлика се намалила, ако ја мерите тогаш и сега, двојно се намалила, рече Мицкоски.
Ова не е прв пат Мицкоски да се повикува на ММФ за работи за кои смета дека и одат во прилог на Владата. Меѓутоа, ММФ неодамна во извештајот од последната Мисија на оваа финансиска институција за нашата земја, објавен во почетокот на месецот, посочи дека „поддршката на домаќинствата како одговор на тековниот шок на цените на енергијата треба да биде добро насочена, бидејќи субвенциите за сите нивоа, вклучително и генерализираните намалувања на даноците, се неефикасни и регресивни“. Затоа, како што нотира ММФ, привременото намалување на ДДВ треба да се укине постепено и брзо. Ранливите домаќинства треба да бидат поддржани преку постојните шеми за социјална помош, кои се релативно добро насочени во Северна Македонија, иако нивната покриеност и соодветност можеби ќе треба да се зајакнат. Неочекуваниот приход од ДДВ од повисоките цени на горивата би можел да се искористи за покривање на дел од поврзаните трошоци, се препорачува во изјавата на ММФ.
Во меѓувреме, Владата го врати ДДВ за дизлот на стандардните 18 отсто, а со владина одлука беа донесени мерки за ограничување на маржите и цените за вештачките ѓубрива, како таргетирана помош за земјоделството.
Во врска со споредбите за тоа колку гориво може да се купи со платите во европските држави и во земјава, премиерот посочи дека таа разлика споредено со тоа кога беше претходната влада драматично е намалена, а не е зголемена и тоа е успехот во мерките и во политиките на оваа влада.
„Инаку, Германија, Франција, Италија, Австрија, Унгарија, Словенија повисок стандард имаат од Македонија, но тоа е политика децениска, можеби вековна. Ако некој очекувал ние за две години ќе вратиме годишно по 2,5 милијарди евра долгови на претходната влада, дека ќе враќаме солидарен данок кој е неуставно земен, ќе ги почитуваме сите колективни договори, и еве вчера излезе Државниот завод за статистика нето платата е за 7,5 отсто поголема, дека ќе успееме да ја намалиме буџетската дупка дефицитот од 4,5 на 3,5 отсто, дека шест квартали ќе имаме 3,5 отсто раст на БДП“, рече премиерот Мицкоски.