Пригожин тврди дека Вагнер го зазел Ростов: „Ќе се упатиме кон Москва“

„Секој кој ќе се смета за закана ќе биде уништен. Ова не е пуч, туку марш за правда“, изјави Пригожин.


Шефот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгени Пригожин, вети дека ќе го собори военото раководство на Русија, неколку часа откако Кремљ го обвини за вооружена побуна. Пригожин кажа дека неговите борци преминале од Украина во Русија и влегле во градот Ростов на Дон, додавајќи дека ќе ги уништат сите кои ќе им застанат на пат.

Локалниот гувернер ги повика граѓаните да останат мирни и да не излегуваат надвор, зашто во Ростов на Дон биле забележани вооружени лица.

Пригожин објави видеоснимка за која тврди дека е направена во седиштето на јужната команда на руската војска во Ростов и вети дека ќе тргне на Москва ако не се сретне со министерот за одбрана Шојгу и шефот на руската војска Герасимов.

 

„Водачите на руската војска се зло кои мора да бидат запрени. Оние кои ги убиваат нашите момци ќе бидат казнети. Барам од вас да не давате отпор. Секој кој ќе се смета за закана ќе биде уништен. Ова не е пуч, туку марш за правда“, изјави Пригожин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека претседателот Путин редовно се известува за ситуацијата. Новинската агенција „ТАСС“ објави дека ноќеска биле засилени безбедносните мерки на клучните локации во Москва.

„Во Москва се преземени антитерористички мерки, со цел да се засили безбедноста. Засилена е и контролата на патиштата“, изјави градоначалникот на Москва. Сергеј Собјанин.

Пригожин тврди дека неговите борци собориле руски хеликоптер кој отворил оган на цивилен конвој. Тој не кажа каде се случило ова.

 

 

Откажани јавни настани

Пригожин во видеото рече и дека борбените авиони за војната против Украина продолжиле да полетуваат од аеродромот во Ростов според планираното: „Авионите… полетуваат според планираното“.

На каналот на Телеграм што го поддржува Вагнер се појави видео на кое се гледа како Евгениј Пригожин разговара со највисоките руски генерали во, како што вели каналот, окружниот воен штаб во Ростов на Дон. Видеото не можеше да се потврди независно. Во видеото, Пригожин се чини дека вели дека неговите луѓе ќе го блокираат Ростов на Дон и ќе се упатат кон Москва доколку рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и генералот Валери Герасимов не дојдат кај нив.

Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев изјави дека сите јавни настани планирани за овој викенд во Ростов на Дон се откажани. Јавниот превоз во градот беше во функција, но маршрутите околу центарот на градот беа променети, посочи тој на Телеграм.

„Приградскиот превоз од Азов, Батајск и Аксај работи редовно. Привремени ограничувања има за Таганрог (пристанишен град), како и за северниот правец од Ростов“, рече тој.

„Вагнер“ е приватна компанија на воени платеници кои се бореа заедно со регуларната руска војска во Украина и имаа клучна улога во освојувањето на источните градови Соледар и Бахмут. Пригожин притоа постојано ги напаѓаше и критикуваше Шојгу и Герасимов поради начинот на водење на војната.

Без да изнесе докази, тој вчера ја обвини руската војска дека извела смртоносен ракетен напад на неговите трупи и вети дека ќе се одмазди. Властите го демантираа нападот и побараа од него да запре со своите „илегални активности“.

Путин: Ова е криминален чин, ќе се браниме

Путин рече дека ова е криминален чин и дека Русија ќе се брани. Додаде дека секој треба да биде единствен и дека се труди да ги сруши внатре.

„Ова е нож во грб“, рече тој. „Ова е предавство, ќе ја браниме татковината“, додаде тој. Тој ја спореди со ситуацијата со Првата светска војна. „Одговорот ќе биде жесток“, додаде тој.

„Правам сè за да одговорам на овој напад и да ја осигурам безбедноста на нашите граѓани“, рече Путин.

„Ги повикувам сите да не учествуваат во ова на кој било начин“, вели рускиот претседател.