Претставена првата слепа Барбика


Производителот Mattel ја претстави првата слепа кукла Барби. А на популарните кукли им се придружила црна Барбика со Даунов синдром. Двата модели се дел од колекцијата Fashionistas 2024.

Американската компанија соопшти дека куклите ќе им овозможат на уште повеќе деца да ја најдат онаа што ги претставува и ќе ги инспирираат сите деца да раскажуваат повеќе приказни преку игра.

 

Барби соработуваше со Американската фондација за слепи (AFB) за да се погрижи деталите, вклучително и стилизирање на лицето, модата, додатоците, искуството во пакувањето и комуникациите за е-трговија точно да ги прикажуваат слепите и слабовидните луѓе.

Куклата може да се купи со бело и црвено стапче.

Слепата Барбика, која Mattel ја лансираше по повод 65-годишнината, освен што претставува слепа жена, има карактеристики кои им овозможуваат на децата со оштетен вид да играат. Нејзината глава е насочена нагоре и настрана за да ја одрази положбата на слепите лица.

Ова најново издание на куклата Барби е само најновото во низата инклузивни кукли. Претходно беа дизајнирани барбики со оштетен слух, барбики со Даунов синдром и барбики во инвалидска количка.