Претседателот на Казахстан пред три години го прекрсти главниот град во Нур-Султан. Сега ќе го враќа старото име Астана


Астана

 

Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев ја поддржува иницијативата на пратениците во парламентот главниот град на земјата да се преименува од Нур-Султан во Астана.

За оваа иницијатива претседателот беше информиран од пратениците, кои пак се потпираа на предлозите на средбите со населението, како и на бројните апели на граѓаните за време на референдумот. Предлогот на парламентарците со согласност на шефот на државата е вметнат во нацрт-уставниот закон.

Прес-секретарот на претседателот на Казахстан нагласи дека Токаев „ја оценува одлучувачката улога на Нурсултан Назарбаев во зајакнувањето на модерната државност на Казахстан и формирањето на главниот град го смета за историски факт“. Претседателот верува, додаде тој, дека другите локации што го носат името на Назарбаев треба да ги задржат своите имиња.

Главниот град на Казахстан беше преименуван од Астана во Нур-Султан во март 2019 година, откако Токаев го даде соодветниот предлог за време на неговиот инаугуративен говор.

Главниот град на Казахстан го носи името Астана од 1998 година. Пред тоа градот се викаше Акмола од 1992 и не беше главен град, туку тоа беше Алма Ата. Пред Акмола се викаше Целиноград (од 1961 година), а претходно се нарекуваше Акмола.

Нурсултан Назарбаев беше првиот претседател на Казахстан. Тој ја извршуваше оваа функција од декември 1991 година до март 2019 година. Токаев стана наследник на Назарбаев. Назарбаев, напуштајќи го претседателството, продолжи да раководи со Советот за безбедност на Казахстан, а неговите роднини ги задржаа лидерските позиции.

Во јануари 2022 година, во Казахстан се случија големи немири, кои започнаа со протести против повисоките цени на бензинот. За да ги потисне, Токаев ги покани вооружените сили од Русија. Назарбаев беше сменет од функцијата шеф на Советот за безбедност, а неговите роднини ги загубија позициите во државните и трговските структури.