Преспанскиот договор и новите македонско-грчки еду-хоризонти


Академските заедници од Северна Македонија и Грција со Преспански договор добија нови еду-хоризонти за меѓусебна меѓународна соработка. Тоа е посебно овозможено со членот 15 од Договорот кој се однесува на соработката во сферата на науката, образованието и истражувањата, креативно поле за македонските и грчките високо стручни експерти.

Членот 15 во Преспанскиот договор е win-win ситуација, капиџик во донеодамна непремостливата авлија, документ кој овозможува да се мобилизираат универзитетите, академскиот кадар, научните друштва и организации посветени на научно-истражувачката дејност. За потсетување, договорот потпишан на 17 јуни 2018 година од тогашните министри за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, се темели на 20 членови и Преамбула во кои се потврдува желбата за добрососедство и меѓусебна доверба, а во членот 15 се нагласува соработката во областа на науката, образованието, истражувањата и новите технологии.

Научно-истражувачката соработка пред потпишувањето на Преспанскиот Договор

Академската соработка меѓу двете држави пред потпишувањето на Преспанскиот договор беше овозможена со привремената македонско-грчка Спогодба потпишана во 1995 година во Њујорк, односно со т.н. Interim Accord, врз кој потпис ставија тогашните министри Стево Црвенковски и Каролос Папуљас. Со законското решение, академските заедници од двете држави непречено можеа да го користат сегментот од Спогодбата за развој на научна и инстражувачка дејност на поединци и институции, кои наместо проактивност, за жал, презентираа пасивност.

 

Деценија подоцна, созадена е нова шанса за соработка преку ИПА фондовите дефинирани со Регулатива бр. 1085/2006 донесена од Советот на Европа на 17.7.2006 година, инструмент кој на нашата држава (тогаш БЈРМ/FYROM), и е овозможен по 2005 година, осносно по добивањето на статусот кандидат за членка на ЕУ. Во меѓувреме и понатаму недоволно се користат можностите за заеднички проектни апликации, а потврда за тоа е истражуваниот период 2007-2013 година во кој не доаѓа до израз потенцијалот на академските заедници, а се чини не е подобра ниту ситуацијата во периодот 2014-2020 година, кој заради пандемијата формално не е завршен. Истражувањето на овој сегмент од соработката како мерлив показател, посочува на недоволна вклученост на академската заедница и нејзината немоќ да се ослободи од познатиот политички проблем меѓу двете соседни држави.

Партнерската соработка на академските институции во периодот 2007-2013 година

Пограничната соработка во рамки на ИПА програмата во овој период се реализира низ 47 македонско-грчки проекти, но академските институции или универзитетите од двете држави се вклучуваат во само пет заеднички проекти. Според нашето истражување, заеднички проекти реализираат Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и Факултетот за биотехнички науки од Битола со Технолошко едукативниот институт од Кожани, во посебен проект учествуваат Земјоделскиот факултет од Струмица кој работи во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот Аристотел од Солун, во овој период директно соработуваат и Високата медицинска школа од Битола со Школа за стоматологија од Солун, како и Факултетот за биотехнички науки од Битола со Факултет за градежништво од Солун. Прегледот посочува на недоволна соработка меѓу универзитетите од двете држави, но добра страна е тоа што во единечни случаи соработуваат со локалните самоуправи, комунални претпријатија, болници и други македонски институции, додека пак од грчка страна видна проактивност покажуваат Центарот за истражувања и технологии-Хелас како и Технолошко едукативниот институт, ТЕИ од Серес.

 

Партнерската соработка на академски институции во периодот 2014-2020 година

Според податоци за ИПА проекти за прекугранична и транснационална соработка, ситуацијата во овој период е релативно подобрена анализирана од аспект на бројот на заеднички проектни апликации во кои учествуваат факултети од универзитетите, но квалитативно помала, ако се анализира низ вкупниот број проекти поддржани од ЕУ во рамки на ИПА програмата. Имено, во овој период активни се 40 проекти, а во 7 директно учествуваат универзитети од двете држави. Од истражувањето може да се издвои заедничката соработка меѓу Факултетот за информатички и комуникациски технологии, ФИКТ-Битола со Лабараторија за медицинска информатика од Солун, соработката меѓу Машински факултет-Скопје и Александриски технолошко образовен институт од Солун која е поддржана и од грчкиот Совет за атомска енергија, заеднички проект реализираат Шумарски факултет-Скопје и Институт за растенија, генетски ресурси и земјоделство-Солун, заеднички проект реализираат ФЕИТ-Скопје и Градежен факултет-Солун, како и Универзитет Св. Апостол Павле-Охрид кој соработува со Истражувачки центар за југоисточна Европа со седиште во Солун.

Периодот 2014-2020 година има уште една добра страна, а тоа е зголемениот број на комбинирани проекти, вкупно 23, во кои академската заедница соработува со невладини организации, јавни и приватни институции, општини и други репрезенти на локалната самоуправа. Според извештајот, во овој период проактивни се експерти на Македонско научно друштво-Битола, Висока медицинска школа-Битола, Факултет за туризам и угостителство-Охрид, а од грчка страна свој придонес имаат Национална опсерваторија од Атина, Градежен факултет-Патрас, Национален центар за истражувања „Демокрити“, Александров технолошко образовен институт од Солун и други.

Членот 15 од Преспанскиот Договор

Отворената соработка во науката, образованието, културата, истражувањата, технологиите, здравството и спортот се гарантираат низ членот 15 од Преспанскиот договор и тука се содржани новите еду-хоризонти. Во ера на нова индустриска револуција подлабоката соработка е посебно важна и затоа во членот 15 меѓудругото се нагласува дека двете држави ќе ја развиваат и подобруваат меѓусебната научна, технолошка и техничка соработка, како и соработка во сферата на образованието. Во функција на целите, двете држави ќе интезивираат размена на информации, документи и ќе го подобрат пристапот до научно-истражувачките институти, архиви, библиотеки и слични институции. Посебно важно е што двете држави ќе ја поттикнат соработката на поединци и институции посветени на науката и обраованието. Во членот 15 се нагласува и поддршката на манифестации и научно-наставни програми, како и билатерални конферецнии во кои се вклучени претставници на академската заедница, и исто така со посебно внимание ќе се следи и инвестира во равојот и примената на нови технологии, дигитални технологии и нанотехнологија на начин со кој се чува животната средина како јавно добро. За оваа цел Северна Македонија и Грција ќе развиваат соработка меѓу своите истражувачки центри, поединци истражувачи и други академски институции. Дополнителен квалитет на членот 15 дава можноста двете држави да се фокусираат на културните врски, поддршка на уметноста, кинематографијата, театарот, музиката и танцот, но и спортот, здравството и здравствената заштита.

Соработката во науката, образованието, културата, истражувањата и иновациите може да промовира нова синергија на различни нивоа, директни комуникации, заеднички промотивни активности и вредности. За ваквите желби и намери има и акциски план утврден меѓу двете влади и потпишан на 2 април 2019 година во Скопје, но во меѓувреме мора да се соберат сили за партнерски пристап, поголем апсорпциски капацитет и надминување до степен на минимизирање на дневните политики кои директно влијаат врз посакуваната хармонија на академскиот „Гаудеамус игитур“. Вистинското партнерство треба да содржи заеднички подготовки, заеднички истражувања и внатрешна логистика, и тоа е поефикасно отколку декларативните меморандуми, повелби, спогодби и слично.

Авлијата доби капиџик. Преспанскиот договор отвори влезна капија низ соседните дворови, а ѕидот кој што беше непремостлив, треба да биде (но не декларативно) мост по кој академската заедница двонасочно ќе се движи. Ако се знае дека науката не поднесува изолација и граници, тогаш време е соработката меѓу Северна Македонија и Грција во сферата на науката да пулсира подалеку од овој регион.