Премиерот на Италија го нарече Ердоган „диктатор“
Премиерот на Италија, Марио Драги, го нарече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „диктатор“ и го критикуваше затоа што за време на официјалната посета во вторникот ја смести претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на софа, јави Ројтерс.
„Многу ми беше жал за понижувањето што го претрпе претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен“, рече Драги за време на прес-конференција во четвртокот вечерта.
За време на официјалната посета на Анкара, Ердоган му понуди на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел стол до него, оставајќи ја видно иритиранта Фон дер Лајен да седи на блискиот кауч – инцидент што оттогаш стана вирален на Интернет и беше наречен „Софагејт“.
„Верувам дека не беше соодветно однесување“, рече Драги, пред да коментира како треба да се постапува со „диктаторите“.
„Со овие – ајде да ги наречеме она што се – диктатори, со кои треба да соработуваме … мора да бидеме искрени во изразувањето разновидност на ставови, мислења, однесувања, визии на општеството. И, исто така, треба да биде подготвен да соработува за да ги заштити интересите на нивната земја. Ова е важно. Мора да ја најдеме вистинската рамнотежа“, рече Драги, поранешен шеф на Европската централна банка.
Мишел подоцна рече дека инцидентот не е негова вина, туку е резултат на „строго толкување на правилата на протоколот од страна на турските служби“.