Преговори или партиски игри


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Драматиката со која политичките структури во државата со месеци решаваат каква да биде судбината на СЈО, односно како да им судат, кого да судат и дали воопшто да им судат на тие што ја злоупотребуваат функцијата а се на висока позиција, ја надмина секоја мерка. Фарсата е веќе видена – ќе преговараат, преговараат, преговараат, преговараат… за да покажат колку се трудат и колку се цврсти во намерата да се борат со корупција во Македонија, за „во пет минути до дванаесет“ да донесат некоја регулатива која ќе биде толку компромисна, толку без врска со тоа што го бара јавноста, толку нефункционална и толку формална, а сепак сите ќе бидат благодарни што ја има бидејќи сме го фатиле условот за Европската Унија. Тешко е деновиве да се сварат изјавите што доаѓаат од парламентот, а особено од опозицијата која со раце и со нозе се бори да пропадне СЈО, а најтешко е да се проголта фактот дека сите политички партии конечно се обединиле околу нешто – а тоа е да ја снема Катица Јанева, но не и да ја замени некој друг. И сето ова се случува во време кога во соседна Албанија се креира токму ваква институција која треба да ја води битката со корупцијата и со криминалот, и кога оттаму се најавува дека следни на ред за ветинг, по судиите и обвинителите, се носителите на функции, т.е. политичарите.

Високиот американски функционер Метју Палмер од собирот Блед ни порача дека партиските игри и обидите да се избегне одговорноста за криминалот се завршени и дека правната држава мора да функционира, за Македонија да го добие своето место во ЕУ и НАТО. Чии политички игри, на која партија, за чиј криминал, Палмер не кажа, а судејќи по тоа што се случува околу договарањето на законот за јавно обвинителство, тие што треба да се препознаат во оваа изјава – не се препознаваат. Од сите страни врескаат дека криминалот и корупцијата нема да останат неказнети, дека правдата нема да биде селективна, ама ако може случаите што се покренати да бидат прекинати, а од партиските тефтери да излезат имињата на тие што треба да застанат на чело на новата институција, наследничка на СЈО. Да продолжи божем да постои СЈО во рамките на јавното обвинителство, ама да ги нема тие што го прават СЈО, да ги ниту ресурсите што ги има, да ги нема надлежностите, да ја нема независноста, па и случаите.

Дури карикатурално звучеа деновиве изјавите и на експертите кои единствено за што ги бива е да кажат како да не функционираат институциите за гонење на корупцијата, односно што е пречка сега СЈО да продолжи со истрагите, а судовите да продолжат со случаите. Па така, во етерот влезе и експертската оценка дека никој освен Катица Јанева не може да ги продолжи судските случаи што се веќе во процедура и дека со неа и тие ќе отидат во историјата. Преведено тоа значи се што работело СЈО изминатите години и сите отворени судски случаи да бидат пуштени низ вода бидејќи така кажувале правните формалности, и тоа во држава позната по непочитување на законите. Или уште попросто, сите обвинети за криминал да бидат ослободени од судење. Едноставно, сите знаат како нешто да не функционира и како да се блокира, божем СЈО постоело заради Катица Јанева, а не заради криминалите што требаше да ги гони и истражува. Со вакви експерти, со вакви пишувачи и со вакви читачи на закони, не е ни чудо што цвета криминалот во државата.

Во Велика Британија, пак, не постои ни Устав, а сите институции на државата си функционираат, додека спорните ситуации се решаваат така што се бара позитивна практика, т.е. решение место да се бараат изговори. Она што се случува деновиве во македонскиот парламент е продавање игри за да се сокрие суштината – дека во тек е колективно убиство на најголемата надеж што ја имаа граѓаните во Македонија. Ако ѝ фали нешто на Катица Јанева, смени ја, ако навистина сакаш да продолжи со работа институцијата, именувај нов на нејзината позиција, ако не веруваш веќе во објективноста на обвинителите од СЈО, провери ја нивната работа и селектирај ги тие што работат добро, ако зборуваш за правда, огради се од криминалците, ако зборуваш за прогон, не уривај ги институциите што треба да те заштитат од него, а по сето тоа не барај компромис за прашања за кои – не смее да го има.