Предвидени 20 мерки во нацрт Програмата на економски реформи 2021 – 2023


Со 20 реформски мерки за здравството, образованието, социјалната заштита, пазарот на труд, намалување на сива економија, подобрување на деловната клима, иновациите, дигиталната трансформација, енергетика, транспорт и земјоделството во рамки на Програмата за економски реформи 2021-2023, ќе се работи на клучните реформски процеси во земјава, кои ќе го интензивираат дијалогот со Европската Унија. Фокусот на новата Програма за економски реформи, чија изработка ја координира Министерството за финансии, ќе биде справување и надминување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата, како и поставување на основи за забрзан и оддржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството.

Ова, меѓу другото беше посочено на денешната средба на амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за финансии – Фатмир Бесими, за економија – Крешник Бектеши, за информатичко општество – Јетон Шаќири, за транспорт – Благој Бочварски, за образование – Мила Царовска, за труд и социјална  политика – Јагода Шахпаска, за здравство – Венко Филипче, како и директорите на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, на Агенција за вработување Абдуш Демири и на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев.

Како што соопшти Министерството за Финансии на средбата беше истакнато дека и покрај тоа што се соочуваме со светска здравствена и економска криза, сега е вистинско време за креирање реформи бидејќи полесно се гледаат критичните точки, како и дека е нужно да се гледа напред за да се изгради отпорно и одржливо општество.

Министерот за финансии Бесими посочи дека долгорочното планирање и поставувањето на повеќегодишна рамка, каква што е во Програмата за економски реформи е неопходно за постигнување на подобри резултати. Тој рече и дека е потребно да се зема предвид севкупниот ефект на мерките и реформите врз општеството.

– Новиот Закон за буџети со кој се предвидидува среднорочно буџетирање, ќе се надмине расчекорот помеѓу Програмата за економски реформи, која има среднорочна рамка, и едногодишната фискална рамка на буџетот, што е од особено значење за подобра реализација на мерките, изјави Бесими.

Министерката Шахпаска посочи дека Министерството за труд и социјална политика во областа на пазарот на трудот во изминатите години активно учествуваше во делот на структурните реформи кои се дел од економските реформски програми, како што беше развојот и имплементацијата на индивидуалните планови за вработување кои ги спроведува Агенцијата за вработување – Гаранцијата за млади и Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022 година.

Како што соопшти МТСП, осврнувајќи се на мерката 12 – „Воведување на механизми за формализација на неформалната работа во сектори со најголема веројатност дека постои непријавена работа“, министерката Шахпаска информираше дека со цел имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови за формализација на неформалната економија, со поддршка од Европската комисија отпочна проектот „Подобрување на условите за работа“, каде што дел од активностите се фокусирани на имплементација на механизми за формализација на неформалната економија.

Во соопштението се посочува дека Министерството за труд и социјална политика е носител и на мерката 19: „Зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица“, во чии рамки активностите се групирани во две компоненти: „Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд“ и „Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги“.

– Од голема важност е поврзувањето на социјалната помош со активацијата на корисниците на ГМП, односно соработката помеѓу службите за вработување и социјална заштита, со цел да се поддржат и активираат корисниците на ГМП кои се вработливи. А во завршна фаза е прилагодувањето на софтверското решение на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, со што ќе се овозможи размената на податоци во реално време и заедничко изготвување на индивидуален план за најлесно вработливиот член на домаќинството, посочи Шахпаска.

Таа истакнa дека дополнително во 2022 ќе се  модернизира законската рамка за вработување, вклучително и професионална рехабилитација на лица со попреченост, како особено ранлива група и притоа ги посочи социјалните претпријатија како особено значајни во создавање работни места и интеграција на најранливите категории на пазарот на трудот, вклучувајќи и лица со попреченост.

За таа цел, според Шахпаска, во текот на 2021 и 2022 ќе биде обезбедена финансиска и техничка поддршка за основање или водење на социјални претпријатија, коишто се фокусирани на работна интеграција на ранливите лица.

Во однос на втората компонента на мерката која се однесува на подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги, министерката информираше дека во текот на 2020 година Министерството за труд и социјална политика склучи управни договори со три даватели на услуги, а со 17 општини склучи договори за доделување на грантови за воспоставување и развој на социјални услуги.

– Во следните три години ќе работиме и на зајакнување на системот за следење, надзор и гарантирање на квалитетот на социјалните услуги на локално и национално ниво, за сите видови социјални услуги предвидени во Законот за социјална заштита, истакна Шахпаска.

Во текот на следната недела Програмата за економски реформи ќе биде доставена до Европската комсија во рамки на предвидените рокови.