Предлог-законот за буџети пред пратениците – опозицијата бара јавна расправа


Собранието денеска ја продолжи 41. седница, на која пратениците дискутираа за Предлог-законот за буџети во прво читање. Гласањето по оваа точка ќе биде дополнително закажано, соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски го образложи законот и рече дека досегашниот бил од 2005 година. Посочи дека е наметната потреба да се создаде сосема нов, современ комплетно изработен Закон за буџети и тоа, како што рече, е направено согласно новите трендови, препораки и директиви, кои бараат нови солуции за управување со јавните финансии, согласно препораките на меѓународните финансиски институции и директивите на Европската Унија.

-Новиот закон за буџети се вклопува во концептот на смарт финансии, односно има за цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност. Подобрувањето во јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање е еден од најголемите приоритети на Владата, како дел од процесот за пристапување во Европската Унија, нагласи Ковачевски.

Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ побара јавна расправа за да се чуе размислувањето на експертите, но и на граѓаните, на оние на кои се однесува родовото одговорно буџетирање што ќе предизвика, како што рече, економско зајакнување на најранливите, на жените и на младите. Притоа истакна дека во време на ковид-кризата младите и жените се најмногу погодени и додаде дека е тоа мислење на многу домашни и меѓународни истражувања.

Диме Велковски од СДСМ рече дека овој предлог-закон се состои од повеќе од 120 члена и првпат по подолг временски период и врз основа на укажувањето на стручната јавност и со многу работа и труд на Министерството за финансии се предлага да се донесе овој закон каде се подобруваат фискалните правила.

– Првпат се воспоставува јавен регистар на сите правни субјекти во државата каде на многу јасен, дециден и транспарентен начин се гледаат финансиските резултати на сите правни субјекти кои се запишани во државата, вклучително и на општините, потенцира Велковски. Нагласи дека првпат се внесува и Фискален совет кој, како што рече, е од исклучително значење, ќе се состои од тројца членови. Едниот член го предлага МАНУ, другиот член го предлага Државен завод за ревизија, а третиот го предлага Народна банка.

На дневен ред на 41. има вкупно 68 точки. Како претпоследна и последна точка се интерпелациите за работата на министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, поднесени од група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Собранието Џафери рече дека за овие точки дополнително ќе се договара за термин бидејќи за секоја од нив одделно ќе биде неопходен еден ден за расправа.