Пред точно 113 години, потона бродот „Титаник“


Халифакс – На денешен ден, 15 април 1912 година, потонал британскиот суперброд „Титаник“ – своевидно чудо на тогашната техника и технологија.

Граден е во Белфаст, северна Ирска, за компанијата „Вајт стар лајн“ (White Star Line), а некои стручњаци го нарекувале – „брод којшто не потонува“. „Титаник“ испловил на 10 април, од Саутемптон, јужна Англија, на своето прво и последно патување. Но, пет дена подоцна – ноќта на 14 кон 15 април, огромното пловило се судрило со санта мраз и исчезнало под површината на Атлантскиот Океан за помалку од три часа.

За жал, од околу 2.224 патници и членови на посадата, повеќе од 1.500 луѓе го загубиле животот – најмногу поради смртоносниот студ, а не давењето. Но, вистинската драма, велат, е онаа којашто ретко се спомнува, а се одвивала по трагедијата, пишува порталот „нет .хр“.

„Вајт стар лајн“ го изнајмила бродот „Мекеј-Бенет“ заради извлекувањето на мртвите. Пристигнал на местото на несреќата на 20 април, кога извлекувачите се соочиле со ужасна глетка: Морето полно со мртви тела кои пловеле на површината благодарение на елеците за спасување. Капетанот Фредрик Х. Ларндер наредил да бидат пуштани помали чамци – секој со екипаж од 5 – 6 луѓе, кои можеле да соберат до осум тела.

На секое тело му е даден број – со педантно забележани сите знаци за идентификација, а нивните лични работи биле ставени во торба со ист број.

Но, ресурсите на „Мекеј-Бенет“ биле ограничени. Главниот балсаматор, Џон Р. Сноу Џуниор, имал доволно течност за балсамирање само за 70 тела, а имало само 100 ковчези. Набрзо се соочиле со тешка одлука: Кои тела ќе бидат погребани на море? 

Тука, повторно, главна улога имала – класата. Телата на патниците од прва и втора економска класа, препознатливи по подобрата облека и личните предмети, добиле приоритет за превоз до копното. Телата од прва класа биле ставени во ковчези, додека оние од втора класа биле завиткани во лен и се чувале посебно. Телата на патниците од третата класа и членовите на екипажот, кои го сочинувале најголемиот дел од жртвите, главно не биле балсамирани, туку завиткани во лен и – по кратко опевање од свештеник, спуштени назад во океанот – со железни шипки за да потонат.

Околу 190 тела биле донесени на идентификација во Халифакс, Нова Шкотска, источна Канада, откаде што бродот за извлекување на телата испловил. Процесот бил мачен: Еден гробар доживеал шок кога меѓу жртвите го препознал телото на својот вујко.

Останале 42 неидентификувани жртви, чии надгробни споменици имаат само број и датум на трагедијата. Можеби едно од најпознатите неидентификувани тела беше ексхумирано во 2002 година и – по ДНК-анализа во 2007., беше идентификувано како 19-месечниот Сидни Лесли Гудвин, чие цело семејство – патници од трета класа, загинале во несреќата.

Околу 1.160 мртви кои никогаш не се пронајдени. Потонатиот „Титаник“ лежи на длабочина од околу 3.800 метри. Стручњаците, како што е поморскиот археолог Џејмс Делгадо, како што објави „Дејли мејл“, најверојатно нема останати човечки останки во самиот брод. Професорот Џон Касела, пак, објаснува дека солената вода го забрзува растворањето на коскениот минерал хидроксијапатит, а морските организми ги користат коските како извор на калциум.

Режисерот Џејмс Камерон, кој го сними „оскаровскиот“ филм „Титаник“ од 1997., и кој повеќепати нурна до потонатиот брод, сведочи дека не видел човечки останки, но видел облека и чевли коишто можеби посочуваат каде лежеле телата некогаш. Можното идно барање и извлекување на останките ќе значи и оштетување на потонатиот брод, којшто е заштитен како поморска гробница и археолошки локалитет.

Операцијата за извлекување на телата на жртвите на Титаник беше тешка и логистички напорна задача којашто ги откри не само размерите на човековата трагедија, туку и длабоко вкоренетите класни поделби во тоа време. Бродот „Мекеј-Бенет“, првично наменет за поставување кабли, е запишан во историјата како „брод-мртовечница“ на „Титаник“, а бил повлечен од употреба во 1922 година. Гробиштата во Халифакс се постојано место за сеќавање на жртвите, а приказната за извлекувањето на телата служи како потсетник за легендарната но вознемирувачка приказна.

Во Поморскиот музеј на Атлантикот, во Халифакс, зачувани се артефакти, спомени и сеќавања за поврзаноста на овој град со трагедијата од 1912 година.