Пред еден век никој не се сомневал во идентитетот, сите мечтаеле за обединување на Македонија


НАНО РУЖИН

Од денешен аспект апсурдно е корените на македонската нација да се бараат во периодот од 1945 и одлуките на Коминтерната, кога било јасно дека нацијата била свесна за сопствениот идентитет уште многу порано

 

Дали е точна тезата дека Македонците се вештачка нација, творба на Коминтерната и на Маршал Тито? Колку е точна таквата хипотеза? Уште на почетокот се наметува еден апсурд кој датира од пред стотина години: Како е можно ревандикацијата за обединување на Македонија да била толку силна, кога наводно „не постоела македонската нација“?

Митот за Велика Македонија бил создаден по поделбата на Македонија со Букурешкиот мир од 1913, иако идеите и митологијата за конституирање на единствена Македонија биле присутни кај голем број македонски преродбеници и интелектуалци уште во XIX век. Доволно е да се анализира подвижноста и динамиката, или мислите и акциите на Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Карев, Ѓорче Петров, за да се сфати идејата на нивните глобални амбиции за поимањето на Македонија како еден ентитет. Во писмото до Гоце Делчев, Никола Карев напишал. „Сами ние да се бориме за наша Македонија“, (Необјавено писмо на Никола Карев до Гоце Делчев) „Нова Македонија“, Скопје, бр. 7744 (5 мај 1968).

Јане Сандански кон 1910 сметал дека Македонија треба да се остави на Македонците кои „сами ќе ја ослободат без мешање на соседните држави. Во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци“ (Марко Дого, Динамитот и полумесечината – Јазикот на националноста во Македонија. (Избор и редакција: Цветан Станоевски), Скопје, 1990, 189)

По поделбата на Македонија од 1913, македонскиот реформатор Крсте Петков Мисирков, во Петроград ја објавил статијата под наслов „Македонија и славјанството“,  во која истакнал дека има и свесни грешки во неодамнешното решение за судбината на Македонија. Свесноста се состои во тоа што врз поделбата на Македонија се правеле невистинити и погрешни сметки, а има и свесни грешки во неодамнешното решение на судбината на Македонија. ( „Славјанскија известија“, Петроград, 1.5.1914, 146-147)

Било евидентно дека во првата половина на XX век сѐ до крајот на Втората светска војна меѓу македонската интелигенција била силно присутна идејата за обединувањето на Македонија. Потик кон оваа кауза давала ВМРО (Внатрешната македонска револуционерна организација), придобивките на Крушевската република од 1903, амблематичните ликови и херои, легендарни и митски личности, како и заедничките иконоиграфски белези на Македонците од културното и историското наследство.

Македонија помеѓу двете светски војни  

Во почетокот на XX век, кога Османлиската Империја почнала да се распаѓа, прашањето за наследството на турските провинции познато како „Источно прашање“, прераснало во доминантен геополитички влог помеѓу големите и малите сили на Балканот. „Македонското прашање“ односно судбината на најважната турска провинција била најзначајната тема на источното прашање. До Лондонскиот и Букурешкиот мировен договор во 1913 г., епилогот на „источното прашање“ беше од суштинско значење за Турција и нејзината натамошна присутност на Балканот. Особено била стратешки важна територијата на регионот Македонија.

Политиката на европските и балканските држави спрема судбината на Македонија зависела од моменталните политички и воени прилики во Европа и на Балканот. Големите сили, глобално ги менувале своите позиции меѓу најмалку две можни сценарија. Едното сценарио било да се одржи тогашното status quo и Османлиската Империја и натаму да остане значаен субјект на Балканот. Според второто сценарио, кое го подржувала царска Русија, Османлиската Империја требала целосно да исчезне од овие простори. Главна премија на геополитичката комбинаторика била контролата на стртешките точки Босфор и Дарданелите. Конечно, по победата на балканските држави против гнилото Османлиско царство во Првата балканска војна од 1912, реалполитиката пресудила во полза на второто сценарио со кое не се загрозувале стртатешкиот теснец Босфор и Дарданелите. Османлиската Империја, целосно ја снемало од Балканот и од териториите на Србија, Црна Гора, Македонија, Грција и Бугарија.

Во балканските војни учествувале голем број Македонци, надевајќи се на создавање на независна или автономна Македонија. Меѓутоа со Лондонскиот и Букурешкиот мировен договор, Македонија била поделена помеѓу трите победници: Србија, Бугарија и Грција. Големите сили биле убедени дека со новата парцијализација на Македонија, конечно било решено „македонското прашање“ како еден логичен и нормален епилог. На тој начин по мирен пат била извршена првата „балканизација“, израз кој на Балканот има негативен призвук во очите на аналитичарите и политичарите во Европа дури и во XXI век. На почетокот на XX век биле воспоставени границите помеѓу народите од разни етнички потекла кои живееле релативно мирно  во рамките на Османлиската Империја. Со поделбата на Балканот освен во програмите на одредени политички партии и движења како ВМРО, дијаспората или ефемерните проекти како оној за Балканската федерација, исчезнале и соништата за обединување на Голема Македонија во една држава.

На Версајската мировна конференција во 1919 година американскиот претседател Вудро Вилсон барал конститурирање на Македонија како посебна државно-политичка автономна единица организирана врз федерален принцип во рамките на нејзините географски граници, но неговиот предлог не поминал

Македонскиот народ, и покрај активното учество во балканските и во Првата светска војна, не успеал да го оствари сонот за конституирање на државноста. Со завршувањето на Првата светска војна и во пресрет на Версајската мировна конференција (1919), се појавиле повеќе иницијативи од страна на истакнати членови на ВМРО во дијаспората и на Балканот, кои сугерирале итна имплементација на принципот на самоопределување на Македонците, согласно идеалистичката концепција na 14-те точки на американскиот претседател Вудро Вилсон. Во овие ревандикации се барало конституирање на Македонија како посебна државно-политичка автономна единица организирана врз федерален принцип во рамките на нејзините географски и економски граници.

Епилогот по Првата светска војна бил таков што Македонците и натаму останале без посакуваната национална држава, разделени меѓу балканските држави, ниту во една од нив не биле признати ниту како посебен народ ниту како македонско национално малцинство. Врз Македонците ce спроведува асимилирање, или биле насилно иселувани од нивната поделена татковина.

Во периодот меѓу двете светски војни, голем број македонски дејци кои сонувале за формирање на македонската држава, подложни на притисоците на балканските држави, или на фракционерските струи кои работеле за една или друга држава, ја продолжиле битката за националната кауза. Регионот станал жариште на многубројни судири, убиства и атентати поради идеолошки или други разидувања. Меѓу македонските револуционери од тој период се издвојуваат Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Тодор Александров, Владислав Ковачев и др. Првото меѓународно признавање за оправданоста и правото на Македонците за формирање национална држава потекнала од страна на Коминтерната во 1934 г. Лидерите на Комунистичката интернационална испратиле повеќе депеши до балканските држави за признавање на националните, културните и просветните права на македонскиот народ. Во вардарскиот дел на Македонија, националната програма ja популаризирало Македонското народно движење – МАНАПО од 1936 до 1939 г.

Како резултат на иницијативите на КПЈ за афирмација на македонскиот национален идентитет, меѓу македонската интелигенција и народ завладеал нов оптимизам, дека конечно ќе се реши „македонското национално прашање“. Во годините на Втората светска војна (1939-1945), ce развило националноослободителното и антифашистичко движење на македонскиот народ во трите дела на Македонија. Македонците се надевале дека новиот повоен поредок ќе овозможи конечно Македонците да се најдат во една држава составена од Егејска, Пиринска и Вардарска Македонија. Меѓутоа, и покрај многубројни обиди, не успеал да се постигне висок степен на политички консензус и национално единство за да се реализира обединување на Голема Македонија.

Сагата за обединувањето за време на НОВ

Во текот на Втората светска војна, кога биле окупирани Југославија и Грција, определбите за обединување на сите расцепкани делови на Македонија, сѐ уште биле присутни во свеста на македонскиот народ и неговата интелигенција. „Дивните борбени традиции од 1903“ како романтичен копнеж за митологијата и храброста на борците на Мечкин камен и Крушевската република, претставувале основа за покренување на прашањето за обединување на Македонија“, констатира Иван Катарџиев.

Уште во јануари 1941, на проширениот пленум на Покраинскиот комитет на КП на Македонија било заклучено: „КП на Македонија ниту за момент не се откажала од својата крајна цел: целосно ослободување и рамноправност на Македонија дури до отцепување“.

Амбициите на македонскиот народ за ослободување и обединување добиле простор и во Прогласот на ПК на КПЈ за Македонија и македонскиот народ од 7.11.1942, напишан од Добривое Радосављевиќ, како и во рефератот на ПК на КПЈ за Македонија по повод 25 години на одбележувањето на Октомвриската револуција. Во обата текста се истакнува „правото на македонскиот народ сам да ја определи својата судбина“ а овој документ ќе се третира како „македонска платформа“.

На 8 август 1943, Светозар Вукмановиќ – Темпо, инаку делегатот на ЦК на КПЈ задолжен за Македонија за поефектно поврзување на КПЈ и КПМ, во дописот до ЦК на КПЈ, напишал дека „…целокупниот македонски народ бара обединување“, мислејќи на Македонците и надвор од Варадарска Македонија.

Меѓутоа, Маршал Тито со дописот од јануари 1943, кој патувал цели осум месеци до КПМ, реагирал спротивно на „македонската платформа“ и ставовите на Темпо за „обединувањето“ на Македонија. Светозар Вукмановиќ – Темпо веднаш ги сменил претходните ставови и следела неговата осуда за „автономистичките“ тенденции на КПМ.

Меѓутоа темата за обединувањето била присутна како во вардарскиот така и во егејскиот дел на Македонија. Така во писмото на Михајло Апостолски, командант на Главниот штаб на НОВ, до Мане Чучков во март 1944 стои: „По прашањето за обединувањето… тоа ни лежи на срце како на секој чесен Македонец… на тоа работиме и веруваме“. Во продожение го истакнува значењето на Второто заседание на АВНОЈ и додава дека „идната Југославија ќе биде федеративна, во која Македонија влегува како една единица, а на македонскиот народ ќе му се признае прв пат во историјата правото дека е народ“. Во истото писмо Апостолски истакнува дека со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, „на македонскиот народ му се признава полна слобода и право на отцепување и соеднување со други народи“. Сепак, целосната реализација на идеите Апостолски првилно ја поврзува со „општата меѓународна ситуација, со која мораме да бидеме во склад“.

Ченто: Нашата кауза е иста како каузата на Илинденското востание

Празнината, недоразбирањата и дилемите се одолжиле сѐ до Манифестот на Главниот штаб и Писмото на ЦК на КПМ до партиските организации на Македонија од октомври 1943, иако и натаму биле присутни одредени нејаснотии. Во реакциите на Манифестот, во статијата на Бане Андреев под наслов „Значење на Манифестот и некои приговори за него“, објавена во „Илинденски пат“, се укажува на нејaснотиите и конфузијата околу перспективите за обединување на сите Македонци на Балканот во една држава.  Слични биле и размислувањата на Методија Антонов – Ченто, објавени во апел-статијата „Пред свикување на народното собрание“, објавена на 30.04.1944. Ченто пишува дека „приницпите на борбата против окупаторот во основа не се разликуваат од принципите на Илинденското востание и Крушевската република“. Тој го истакнува значењето на Второто заседание на АВНОЈ и признавањето на правото на секој народ на самоопределување до отцепување, го возвишува значењето на македонското народно собрание како единствен носител на народниот суверенитет, кое ќе биде компетентно да да говори во името на македонскиот народ.

Во ставовите на Методија Андонов и при формирањето на првото Народно собрание на Македонија е присутна идејата за обединување на Македонците од Грција, Бугарија и Македонија (Југославија). Ченто пишува: „Со участието на делегатите на трите делови на Македонија (југословенскиот: Апостолски, Ченто, Узуновски и др.; грчкиот, Димитар Влахов; бугарскиот Владимир Поп-Томов – првото македонско Народно собрание ќе ја симболизира волјата на целиот македонски народ, да се најди цел, слободен и обединен“.

Интересно е да се констатира дека Ченто на ниту едно место не го споменува Маршал Тито, додека Лазар Колишевски, потпредседател на АСНОМ, во својот реферат на Второто заседание на АСНОМ (30.12.1944), повеќе пати го споменува Маршал Тито, Титовата армија, Титова Југославија, другарот Кардељ, и завршува со стереотипниот поздрав „Да живее нашиот водач и учител, претседателот на единственото југословенско правителство, Маршалот на Југославија, Јосип Броз Тито“.

Прашањето на обединувањето било присутно меѓу македонските борци и раководство за време на целиот период на НОБ. Како врвен приоритет била прифатена опцијата за пристапувањето на Македонија кон југословенската федерација што е евидентно и од рефератите на Бане Андреев – Ронката поднесен на Првото заседание на АСНОМ и од страна на Лазар Колишевски на Второто заседание на АСНОМ.

Прашањето на обединувањето на трите делови на Македонија ги отворило дилемите „дали е можно обединување во рамките на Југославија“ и „каков треба да биде односот кон стремежите на другите делови на Македонија“, Овие дилеми му биле изложени и на Маршал Тито на островот Вис од страна на делегацијата за свикување на Првото заседание на АСНОМ на чело со Мане Чучков. Одговорот на Врховниот командант Маршал Тито бил преточен во записник, во кој било изнесено дека „сѐ уште е преурането да се поставува прашањето за остварување на националите стремежи на македонскиот народ надвор од Македонија“ и дека „македонскиот народ надвор од границите на Југославија може да го постави барањето за национално самоопределување“. А македонскиот народ ќе ги помага сите ослободителни движења без оглед на тоа каде ќе се појават.

И во писмото на Ченто до Јордан Чкатров од 21 август 1944, се потврдува дека Македонија ќе стане дел од југословенската федерација, но ја остава отворена и опцијата за обединувањето. „Важно е да се знае че слободна Македонија во нова федеративна Југославија е свршен факт… Но ние сметаме дека сега е време да се обедини цела Македонија“, со што опцијата за обединување била актуелна и за време на Граѓанската војна во Грција.

Реал-полтиката по Втората светска војна и геополитичкиот балкански контекст не дозволуваа обединување на Македонија, но македонскиот народ конечно беше меѓународно признат со право за конституирање на македонската држава во рамките на федеративна Југоалавија. Овој сон беше остварен преку учество во антифашистичката и националноослободителна борба за време на Втората светска војна. Македонскиот народ со слободно изразената волја, преку одлуките на Првото заседание на АСНОМ и со прифаќањето на одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, јасно се произнел за придобивките на НОБ.

Од денешен аспект апсурдно е корените на македонската нација да се бараат во периодот од 1945 и одлуките на Коминтерната, кога било јасно дека нацијата била свесна за сопствениот идентитет уште многу порано.

(Нано Ружин е универзитетски професор)