Пред четири години ја реконструираше Арсовска, сега Ѓорѓиевски ја прекопува улицата „Перо Наков“
Целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“ почна денеска во соработка на Град Скопје со општина Гази Баба.
– Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење – вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Со овие зафати, целосно се менува ликот на овој дел од населбата и се создава современ, функционален и безбеден урбан простор.
Во својата објава на Фејсбук, градоначалникот Ѓорѓиевски вели тридецениска негрижа за улицата, а само со неколку клика се наоѓа дека два километри од оваа скопска улица биле реконструирани во 2022 година.
Во денешната објава нема информација ни кој го финансира рекоснтруирањето, ниту кој го изведува, ниту пак во која должина, во кој рок и слично.
Дополнително, улицата „Перо Наков“ води и до депонијата Вардариште, која пред некое време почна да се расчистува, а ќе следува и одгаснување. Колку тешките камиони кои ќе го носат ѓубрето од вардариште дополнително ќе ја уништат улицата и зошто таа сега се реконструира, нема информација ниту од Градот ниту од општината Гази Баба.