Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ го снимал со мобилен деколтето на Калеска-Ванчева


Премиерот Димитар Ковачевски денеска на седницата за пратенички прашања посочи дека пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој не го именуваше, вчера ја снимал пратеничката Снежана Калеска–Ванчева на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Тој посочи дека не знае што ќе прави пратеникот со снимката.

„Свесен е народот за деструкцијата која произлегува единствено од опозицијата. Само ако се погледнат снимките од вчерашниот ден, ќе се види пратеник , кој во моментов ми се смее, како со мобилен телефон ја снима претседателката на Законодавно-правната комисија на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Не знам што ќе ѝ прави на таа снимка“, кажа Ковачевски.

Пратеничката Калевска – Ванчева за ,,Фокус” за целиот случај, вели дека вакви слични удари имало и порано, а го откри и името на пратеникот кој ја снимал.

-Ова е удар врз целиот женски род. За жал, вакви и слични удари имало и претходно, и има, но трагично е кога вакво однесување доаѓа од пратеници! Во врска со реакцијата на пратеничките по повод настанот, синоќа најгласни и насилнички за жал беа дел од пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ.

Јас лично, не забележав кога пратеникот ме снимал, но забележаа мои колешки и тие веднаш реагираа. Бев преокупирана со заштита на материјалите, и да ја завршам седницата согласно деловникот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев од Кавадарци ме снимал, и тогаш не му се обратив да го прашам зошто го направил тоа, бидејќи во тие моменти друго беше побитно. А потоа, веќе го немаше – појаснува пратеничката.

Додава дека од Јованчев ќе бара јавно да и се извини за случајот.