Познатата Надежда Михајлова ќе биде бугарски министер за надворешни работи


Надежда Михајлова сега се презива Неински

 

Техничкиот премиер номиниран од претседателката, Андреј Ѓуров, денеска го објави составот владата која треба да ги организира предвремените избори во Бугарија. И потоа да управува со земјата до изборот на новиот кабинет. Ѓуров досега беше вицегувернер на централната банка.

Најинтересната личност во новата влада, барем за македонските политички кругови, е Надежда Неински, порано Михајлова. Таа беше еден од најпознатите бугарски дипломати и беше министерка за надворешни работи од 1997 до 2001, кога премиер беше Иван Костов. Надежда Михајлова (63) учествуваше во преговорите со тогашната влада на Љупчо Георгиевски за усвојувањето на Заедничката декларација во 1999 година. Улогата на Михајлова, исто така, беше многу важна во подготовките и извршувањето на операцијата на НАТО против СР Југославија во 1999 година.

Потоа беше лидер на партијата на Костов, СДС, а пет години и европратеник. Последната функција во служба на државата на Неински беше амбасадор на Бугарија во Турција од 2015 до 2021. Таа е многу позната во европските дипломатски кругови, а беше и висок функционер во Европската народна партија.

Министер за внатрешни работи во владата на Ѓуров е Емил Дечев, а за финансии Георги Клисурски.

Мандатарот за премиер Андреј Ѓуров го претстави составот на техничката влада на претседателката Илијана Јотова.

„Очекувањата на бугарските граѓани се многу високи. Нема да имате толеранција од 100 дена, дури ми се чини дека нема да имате 100 минути. Најважната задача е подготовка на фер избори во согласност со законите на земјата. Одговорноста на министерот за внатрешни работи што го номиниравте е многу голема, бидејќи тој мора да води храбра борба против изборните злоупотреби“, му рече претседателката Јотова на Ѓуров пред да го претстави кабинетот.