Познат е идентитетот на напаѓачот на Капитол – бил следбеник на Нација на исламот


 

Дваесет и петгодишниот Ноа Грин од Вирџинија е лицето кое го изврши вчерашниот напад пред зградата на американскиот Конгрес во којшто загина еден полицаец, а потоа беше застрелан и самиот напаѓач.

Од неговото семејство изјавиле дека Ноа подолг период се борел со зависност од дрога и параноја и дека биле загрижени за неговото ментално здравје, а според неговите објави на Фејсбук тој бил следбеник на националистичка верска организација Нација на исламот и обвинувал дека ЦИА и ФБИ го трујат со лекови.

Грин е роден во Индијана, но живеел во Ковингтон, Вирџинија. Тој бил невработен.

Неодамна на својот сега избришан профил на Фејсбук напишал дека последните неколку години биле тешки за него, а последните неколку месеци биле уште потешки.

Грин во средината на март напишал дека неодамна ја напуштил работата „делумно поради неволји, но на крајот во потрага по духовно патување“ и дека „страдал од несакани ефекти на лекови кои несвесно ги земал“.

Роберт Конти, вршител на должност шеф на полициската управа рече дека денешниот напад близу Капитол, веројатно не е поврзан со тероризам.

„Се чини дека тоа не е поврзано со тероризам. Но, ќе продолжиме со истрагата за да провериме дали има поврзаност во таа смисла“, рече тој.

„Знам дека ова беа тешки времиња за Капитол, за сите кои работат таму и за оние кои го штитат“, рече вчера американскиот претседател Џо Бајден.

Знамињата во Белата куќа ќе бидат спуштени на половина копје.