Пожарот е на околу 40 километри од центарот на Атина, се евакуираат предградија во источниот дел на Атика


 Поради големиот пожар што континуирано и без контрола се шири во источниот дел на грчката областа Атика, поширокиот регион на Атина, жителите на три предградија, доцна вечерва добија пораки од бројот 112 за итни случаи да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.

Во период од еден час, беа испратени три пораки за три населени места, меѓу кои и за историскиот град Маратон.

Пожарот е на околу 40 километри од центарот на Атина, а во текот на денешниот ден беа дадени наредби за евакуација на над седум населени места.

Доколку е потребно, за прием на евакуираните граѓани, од периферијата Атика соопштија дека Олимпискиот стадион во Атина ќе остане отворен и ќе биде на располагање во текот на ноќта.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, информирајќи за големиот пожар, вечерва рече дека ситуацијата и понатаму е опасна бидејќи пожарот се шири меѓу куќи и има предизвикано и штета.

На терен се 400 пожарникари, со 14 пешадиски тима и 110 возила, како и голем број волонтери, со заоѓањето на сонцето, прекина и интервенцијата од воздх, а претходно пожарот го гаснеа 29 средства, односно 16 авиони 13 хеликоптери.

Во евакуацијата на жителите на зафатените подрачја од пожарот, вклучена е и полицијата, а полицајци одат од куќа до куќа, од врата до врата за евентуално спасување на граѓани.

Паралелно, како што соопшти министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис, два здравствени центри во пошироката област и две болници во Атина се во состојба на зголемена готовност, доколку биде потребна хоспитализација на повредени граѓани.

Засега, регистрирани се само неколку случаи на граѓани кои побарале помош со проблеми со дишењето поради густиот чад.

Иако пожарот е на околу 40 километри од центарот на Атина, чадот го покри небото во целата област Атика, а според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, се простира во должина од околу 100 километри.