Пожар во Ковид-центарот во Тетово, болни и мртви се изнесуваат од зградата
Се запали Ковид-центарот во Тетовска болница. На местотото интервенираа пожарните екипи од градот, а се упатија и екипи од Скопје. Во моментов не се познати причините за пожарот, но болни и изгорени повредени се изнесуваат од зградата во колички. Страшни слики и снимки се споделуваат на социјалните мрежи – се гледаат пламени и се слушаат лелеци. Зградата е целосно изгорена, а неофицијално има жртви во пожарот – и пациенти, и здравствени работници. Неколку жртви може да се видат на видеата кои се објавуваат на социјалните мрежи на кои се гледа дека луѓе носат жртви на кревети покриени со бели чаршави.
Нема точна бројка колкумина починале но од она што може да се види на видеото станува збор за повеќе лица. Министерот за здравство, Венко Филипче, итно се упати за Тетово.
„Страотна несреќа се случи во Тетово каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот. Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов“, напиша Филипче на Твитер.
Подоцна тој имаше уште една објава на Твитер „Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се траснспортираат во Скопје за да им се даде соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани. Наскоро ќе излеземе со нови информации“.
За Тетово тргна и премиерот Зоран Заев, а претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби. Во скопските клиники се подготвуваат услови за прием на пациентите од Тетово.
Пожарот беше активен половина час и го зафати целиот објект за многу краток период. Според последните информации тој е изгаснат, но модуларната болница е целосно изгорена.

Во тетовскиот Ковид-центар имаше 84 хоспитализирани болни.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, нема информации за повредени во пожарот кој целосно ја изгоре модуларната болница.
„Според оние информации со кои располагам, оганот се појавил одеднаш и се проширил со голема брзина. Апсолутно жалам за случајот, во болницата имало луѓе кои биле на лекување. Немаме информации за жртви, чекаме официјално од болницата“, рече Арифи.