Повеќе средства за справување со енергетската криза преку намалување на расходите во државните фирми и институции


 

Преку намалување на расходите и зголемување на приходите во претпријатијата и институциите во државна сопственост, Владата ќе се обиде да се ослободат финансиски средства за подобро справување со енергетската криза.

Со Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува и на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите.

Политиката за намалување на расходите, опфаќа консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10 проценти во однос на планираните средства за 2023 година. Очекуван е фискален ефект, односно заштеда од околу три милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи. Исто така, планот опфаќа консолидација на расходите за стоки и услуги и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година, со фискален ефект од околу три милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи. Се предвидува и консолидација на расходите за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година. И по тој основ очекуваниот фискален ефект е околу три милијарди денари.

Како што вчера истакна премиерот Димитар Ковачевски, постојат претпријатија и институции во коишто се креираат загуби, кои треба да се покријат од Буџетот.

– Затоа сметаме дека менаџмент тимовите на тие претпријатија треба да бидат на високо одговорно ниво и да ги намалат расходите и да ги зголемат приходите. Еден од начините за намалување на трошоците е за 10 отсто да се намалат платите таму каде што има плати што се далеку над просекот, а таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде да се направат напори да ги зголемат приходите, изјави Ковачевски.

Со усвоените мерки за ублажување на енергетската криза и ценовните притисоци од 350 милиони евра, вкупно пакетот антикризни мерки што веќе го објави Владата изнесува 750 милиони евра, што според Ковачевски, е директна финансиска помош за најранливите категории граѓани, за ликвидноста на малите и средните претпријатија и даночни олеснувања кои значат помали даночни приходи за државата.

Пакет мерки за ублажување на економските последици од кризата за стопанството, компаниите и граѓаните вчера предложи и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ е вишоците струја кои ги произведува АД ЕСМ кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството и тоа од 1 ноември до крајот на кризната состојба. Цената, според Мицкоски, нема да надмине 80 евра за мегават час и додаде дека се работи за 200 до 250 илјади мегават часови. Според него, за ова да се оствари треба да се интервенира во Законот за работни односи и Законот за трговија, бидејќи недела е неработен ден, за да може работодавачите да одберат кој ден од неделата би го користеле за слободен ден.

Втората мерка е секоја компанија која ќе плати цена на струја за мегават час над цената на регулираниот пазар, половина од разликата да ја преземе државата со субвенција. Според калкулации на ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за педесетина милиони евра помош кон стопанството за да не ни случи колапс.

Мицкоски предложи како мерка викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, интервенција во Законот за личен доход за што ќе поднесат измени во Собранието, да се одложи скалестото оданочување од 1 јануари 2023. Последната мерка се однесува на „дестерелизирање на благајничките записи во Народната банка“.

Во насока на поголеми заштеди на енергија се размислува и за можноста да остане летното сметање на времето и по крајот на месецов. Министерството за економија доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуалното продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија. Се прават анализи кои треба да покажат дали ќе се премине кон зимското сметање на времето или ќе остане летното сметање. Според најавите, до крајот на неделава би требало да бидат готови анализите што ги прави Министерството за економија за можноста да остане летното сметање на времето со цел поголеми заштеди на електричната енергија.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека не може да каже каква одлука ќе се донесе се додека не ги види анализите.

– Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментов, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите, сепак повеќе има про оставање на летното сметање на времето но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука, рече Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека владиниот предлог за продолжување на летното сметање на времето нема да смени повеќе од два до три проценти во вкупната слика од состојбата во државата.

– Не мислам дека ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика. Тоа не е доволно, оцени Мицкоски.

Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час поназад.