Потребни ни се институции кои ќе размислуваат за следните две децении, а не само за идната година, вели Мицкоски


Повеќе од кога било е потребно да имаме институции кои нема да размислуваат само за следната година, туку и за следните две децении. Токму затоа Националната развојна стратегија 2024-2044 година претставува еден од најважните документи кои се создадени во поновата историја на државата. Не затоа што е уште една стратегија усвоена од институциите, туку затоа што зад неа стои широк општествен консензус, сериозен експертски труд и искрена намера конечно да воспоставиме култура на долгорочно планирање и стратешко размислување – рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот петти состанок на Националната развојна стратегија. 
 
Долги години наназад, посочи тој, Македонија беше исправена пред бројни предизвици кои честопати ја принудуваа политиката да размислува краткорочно.

– Наместо да разговараме каде сакаме да бидеме за дваесет години, често разговаравме како да го поминеме следниот месец. Наместо да се натпреваруваме со најуспешните европски држави, премногу енергија трошевме во решавање на проблеми кои одамна требаше да бидат затворени. Но, денес имаме обврска да го смениме тој пристап. Имаме обврска да покажеме дека државата може да биде предвидлива, дека институциите можат да работат врз основа на план, а не врз основа на импровизација, и дека развојот не смее да зависи од политичките циклуси, туку од јасно дефинирани национални цели околу кои ќе постои широк општествен консензус – истакна Мицкоски.

Тој рече дека Националниот совет за развој токму затоа претставува една од најважните платформи што ги имаме денес и во него се среќаваат институциите, науката, локалната самоуправа, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.

Според него, тоа е место каде различните перспективи не се гледаат како пречка, туку како предност, место каде се создаваат политики кои имаат потенцијал да траат подолго од еден мандат и подолго од една влада. Тој ја нагласи работата на Работниот комитет и на сите оние кои во изминатиот период вложија знаење, енергија и време за да ги преточат стратешките цели во конкретни предлози, мерки и политики.

– Зад бројките што денес ги гледаме стојат стотици експерти, претставници на институции, компании, универзитети и организации кои покажаа дека кога постои заедничка цел, тогаш може да се создадат решенија кои имаат вистинска вредност за државата. Фактот дека повеќе од 1.200 претставници на различни засегнати страни активно учествувале во работата на комитетите, дека се идентификувани десетици конкретни мерки и дека голем дел од нив веќе се реализираат, претставува доказ дека ова не е процес кој останува затворен во институционалните ходници, туку процес кој создава реални ефекти и реални политики. Ова е особено важно затоа што граѓаните одамна не бараат нови стратегии и нови ветувања. Граѓаните бараат резултати. Бараат подобри работни места, повисоки приходи, поквалитетно образование, подобро здравство, модерна инфраструктура и институции кои ќе бидат ефикасни и праведни – рече Мицкоски.

Потенцираше дека успехот на една стратегија не се мери по бројот на нејзините страници, туку по бројот на животи што ќе ги подобри.
 
– За мене најважното прашање не е колку документи ќе усвоиме, туку колку млади луѓе ќе одлучат да ја градат својата иднина тука. Не е колку анализи ќе подготвиме, туку колку нови компании ќе отворат свои капацитети, колку нови работни места ќе создадеме и колку силна и конкурентна економија ќе изградиме. Денес кога зборуваме за развој, не зборуваме само за економски показатели. Зборуваме за доверба. Зборуваме за чувство кај граѓаните дека државата има правец, дека постои план и дека институциите знаат каде се движат, истакна Мицкоски.

Посочи дека затоа особено внимание посветуваат на инвестициите, иновациите, дигиталната трансформација и развојот на човечкиот капитал не затоа што тоа се модерни термини кои добро звучат во стратешките документи, туку затоа што токму тие ќе ја одредат конкурентноста на државата во следните две децении.

– Во таа насока особено значајни се активностите поврзани со Мапата за инвестирање, која веќе покажува конкретни резултати преку поврзување на институциите, домашните компании и меѓународните инвеститори. Денес повеќе од кога било е важно Македонија да биде препознаена како држава која не нуди само поволна географска положба, туку и стабилност, предвидливост, квалификувана работна сила и јасна развојна визија – дециден е Мицкоски.
 
Нагласи дека една од најважните теми за која мора да се разговара е токму демографијата, бидејќи, како што рече, демографската политика не е само прашање на статистика, туку е прашање на национална одржливост и иднина на државата.

– Една од најважните теми за која мораме отворено да зборуваме е демографијата. Затоа што ниту една економска стратегија, ниту една инфраструктурна инвестиција и ниту една политичка реформа нема да имаат целосна смисла доколку не успееме да создадеме услови нашите млади луѓе да останат тука, да создаваат семејства тука и да веруваат дека нивните деца ќе имаат подобра иднина од нивната. Демографската политика не е само прашање на статистика. Таа е прашање на национална одржливост. Таа е прашање на иднината на државата,  рече Мицкоски.
 
Тој смета дека годишниот извештај за спроведување на Националната развојна стратегија не е извештај за завршена работа, туку почеток на еден процес кој ќе трае со години и кој ќе бара посветеност, континуитет и политичка зрелост.