Потонаа акциите на Бионтек и на Модерна

Тешко е да се оцени до кој степен падот на цените на акциите на Бионтек и Модерна е дел од поширокиот тренд на пад на берзата во сегментот на високотехнолошки и иновативни компании воопшто


Производителите на вакцини најавуваат нови вакцини кои ќе бидат приспособени на мутациите на корона вирус, па дури и комбинирани вакцини за Ковид-19 и грип. Сепак, се чини дека пазарите не сметаат дека изгледите на компаниите како Бионтек или Модерна се големи. Токму спротивното.
Сопствениците на акциите на овие компании во последниот месец минуваат низ ноќна мора на остар пад на цената на нивните хартии од вредност. Фактот дека вакцините не гарантираат долгорочен имунитет и не штитат од пренесување на инфекцијата, но сепак се доволно добри кога станува збор за спречување на тешки исходи на болеста, се чини дека не влева доверба кај инвеститорите во идниот приход на производителите на вакцини.

 

Така, на пример, акциите на германски Бионтек само денес паднаа за 11,5 отсто, додека една година наназад се во минус од 41,08 отсто. Во август 2021 година цената на една акција на Бионтек достигна 464 долари, а сега се тргува за 151 долар. Во време кога цените на акциите на Бионтек беа високи, германската биотехнолошка компанија основана во Мајнц од научници со турско потекло беше прославена затоа што користеше mRNA технологија во дизајнот на вакцините за Ковид-19 како тие и нивниот партнер, Фајзер да се спасители на светот, што се одрази на расположението на инвеститорите. Берзите повеќе не ја делат таа еуфорија.

 

Вредноста на акциите на Бионтек

Нешто помалку болен период во последните три месеци споделија акционерите на Фајзер, кои сепак може да се каже дека остварија добри профити во однос на пазарната капитализација за време на пандемијата. Акциите на Фајзер исто така се во надолен тренд, но сепак поблаг. Може да се претпостави дека падот е амортизиран со тоа што се работи за многу поголема фармацевтска компанија со широк асортиман на производи, која во меѓувреме излезе со информации за многу ефикасен лек за Ковид-19 наречен паксловид, па нивната иднина не зависи толку од mRNA вакцините, пишува Јутарњи лист.
Од друга страна е Модерна, компанија која најголемиот дел од својот бизнис бум и плановите за време на пандемијата го базираше на многу ефикасна вакцина за Ковид- 19. Популарноста на нивната вакцина, за која некое време се сметаше дека дури и го спречува ширењето на инфекцијата, беше толку висока што цената на нивната акција достигна околу 460 долари. Тоа беше во август 2021 година, кога Бионтек исто така го достигна врвот на пазарната капитализација. Но, денес цената на акциите на Модерна е 150 долари или 3 пати помалку отколку што беше на својот врв. Доколку не продолжи трендот на намалување на цената на акциите на Модерна, компанијата сепак би можела да биде задоволна од постигнатото, бидејќи на крајот на 2020 година имаа цена на акцијата под 70 долари, односно двојно помалку од денес.

Вредноста на акциите на Модерна

Тешко е да се оцени до кој степен падот на цените на акциите на Бионтек и Модерна е дел од поширокиот тренд на пад на берзата во сегментот на високотехнолошки и иновативни компании воопшто. Во тој сегмент вреднувањата беа исклучително високи за време на пандемијата, па сега има „издишување“, пишува Јутарњи лист.