Европа веќе не смее да се нуди на тацна на остатокот од светот


ЖОЗЕП БОРЕЛ

На Европа ѝ е потребен нов вид глобализација, способна да постигне баланс помеѓу предностите на отворените пазари и меѓузависноста, и меѓу суверенитетот и безбедноста на земјите

 

Секогаш кога ќе се видам себеси како носам маска додека шетам низ напуштените улици во Брисел или празните ходници на Европската комисија, не можам а да не бидам обземен од чувството на шок. Особено затоа што, без оглед каде и да одите и без разлика кадеи да сте, ова чувство на шок е видливо. Toa e видливо на плоштадот Свети Маркo во Венеција – сега напуштен од луѓето додека рибите се враќаат во водите во лагуната, кои се сега повторно чисти. Тоа е видливо во Ерусалим, каде Црквата на Светиот гроб беше затворена на Велипеток за прв пат од Црната смрт (чумата) во 1349 година. Тоа е видливо во Соединетите Американски Држави, каде невработеноста се зголеми за 20 милиони за четири недели. На крај, може да се забележи во Шпанија и Италија, каде што до крајот на април умреа речиси 45.000 луѓе.

Тоа што беше здравствена криза на почетокот, Ковид-19, наскоро се претвори во невидена економска и социјална криза. Ниту еден економист не можеше да го замисли ова: неколку милијарди луѓе да седат во своите домови. Последиците ќе бидат далеку над она што го доживеавме во 2008 година. Иако не е многу корисно во однос на решавање на проблемот, првото прашање што се поставува е дали оваа пандемија можеше да биде избегната.

Во извештајот од 2008 година на Советот за национално разузнавање на САД се предупредуваше на ризик од „ново, високо пренесливо и вирулентно заболување на човечките респираторни органи за кое не постојат соодветни контрамерки“. Претседателот Барак Обама го посочи овој ризик, исто така. Говорејќи на конференцијата во 2018 година што се одржа во медицинското друштво во Масачусетс, по повод одбележување на стогодишнината од шпанскиот грип што предизвика смрт на 50 милиони луѓе – со други зборови, два проценти од светската популација во тоа време – Бил Гејтс рече дека следната глобална катастрофа би имала форма на пандемија предизвикана од високо заразен вирус што би се раширил брзо низ целиот свет и дека ќе нè изненади целосно. Всушност, експерти за заразни болести со години нè предупредуваа за забрзување на ширењето на епидемиите. Ова е трет новооткриен бета-коронавирус во изминатите 20 години што успеа да ја премине бариерата на животинските видови. Затоа, можеби е корисно да се запрашаме зошто меѓународната заедница не се подготви правилно за него и како може да се подготви во иднина – затоа што се чини очигледно дека Ковид-19 нема да биде последен.

Откако ќе помине чувството на шок, мора да ги процениме последиците од овој настан, избегнувајќи два стапици. Прво, со оглед на неизвесноста околу оваа криза, не смееме да извлекуваме избрзани заклучоци. Второ, не смееме да дозволиме да бидеме надвладеани од шокот, заклучувајќи премногу брзо дека сè ќе се промени. Во човечката историја на големите кризи секогаш им претходеле предупредувачки знаци или настани. И главните кризи обично имале забрзувачки ефект врз трендовите. Ова е причината зошто би имало повеќе смисла да се погледнат последиците од Ковид-19 од гледна точка на тоа како оваа криза може да ги зголеми динамиките што веќе се случуваат. А, какви се тие динамики? Можам да видам три:

  • иднината на глобализацијата и неолиберализмот;
  • еволуцијата на глобалното управување;
  • еластичноста на Европската унија и европските демократски политички системи при справување со сериозни и непредвидени ризици.

Овие три динамики ќе го обликуваат пост-коронавирусниот свет – свет кој до одреден степен е веќе тука.

ИДНИНАТА ЗА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА И НЕОЛИБЕРАЛИЗМОТ

Оваа пандемија нема да го означи крајот на глобализацијата. Сепак, ќе доведе под прашање голем број од неговите модалитети и идеолошки претпоставки, вклучително особено познатата неолиберална мантра: отворени пазари, намалување на влијанието на државата и приватизација. Овие модалитети веќе беа оспорени пред почетокот на кризата. Тие ќе бидат оспорени уште повеќе по неа.

Во изминатата деценија, глобализацијата растеше како резултат на развојот на синџирите за снабдување кои постојано се зголемуваа во број и во обем. Како резултат на овие синџири на снабдување, производите можат да се создаваат со производство на разни компоненти на различни локации, со цел да се минимизираат трошоците. Ова е олеснето со опаѓањето на трошоците за транспорт и со развојот на телекомуникациите. Дигитализацијата на економијата го акцентираше овој тренд и придонесе многу нови земји, како Кина, да привлече голем удел од производството на текстил и потрошувачка електроника, а Индија од фармацевтската индустрија.  Повеќе од 300 од 500-те водечки компании во светот беа присутни  во Вухан кога почна пандемијата. Ваквото проширување на синџирите на снабдување и екстремната леснотија со која можат да се воспостават, природно ја поттикна идејата дека веќе нема проблем во однос на снабдувањето и дека има големо изобилство на производи низ целиот свет. Како резултат на тоа чувство, испораките навреме ги заменија резервите. Складирањето резерви речиси стана неекономска практика. Дури и оние земји кои беа најдобро подготвени за ризик од пандемија, како што одминуваа годините, го спуштија прагот. Системите за снабдување, се разбира, нема да исчезнат по кризата – затоа што тие се од значителен економски интерес. Сепак, постојат три начини на кои оваа динамика ќе се промени, до одреден степен.

Првиот начин ќе вклучи диверзификација на изворите на снабдување во здравствениот сектор. Ние сега сме многу зависни од Кина во однос на увозот на голем број производи, особено маски и заштитна облека (50 проценти). Покрај тоа, 40 проценти од антибиотиците што се увезуваат од страна на Германија, Франција и Италија потекнуваат од Кина, која произведува 90 проценти од пеницилинот што се консумира во светот. Ниту еден грам парацетамол не се произведува во Европа во моментот. Воспоставувањето на залихи или стратешка резерва на основни производи, според тоа, ќе ѝ овозможи на Европа да ги спречи недостатоците и да обезбеди овие производи да бидат достапни на целиот континент. Прв чекор е воведување на Европската програма за спасување за да се одговори на овој ризик, особено преку здружување на ресурсите. Целта е да се ограничи зависноста од земјите извознички на секој суштински производ.

Ние мора да се заштитиме, но да се заштитиме не значи да му се отстапи место на протекционизмот. Да се ​​заштитиме себеси значи да се избегне ситуација кога ќе се соочиме со криза како сегашната, да се најдеме во исклучително ранлива позиција во однос на странските добавувачи. Глобализацијата не се заснова на директни, флуидни мрежи до кои секој има пристап, туку на стратешки центри во кои доминираат одредени засегнати страни, кои можат да ги контролираат или блокираат во своја полза потребните лекови или други производи во случај на криза.

Вториот начин ќе вклучи преместување на голем број активности и нивно приближување колку што е можно поблиску до местото на потрошувачка. Веројатно ќе се движиме кон пократки системи на снабдување, што може да се совпадне совршено со барањата за борба против климатските промени. Ова веројатно ќе ги зголеми трошоците за производите, но сепак, ние мора да направиме компромис помеѓу безбедносните потреби и да обезбедиме најниска можна цена за потрошувачите. Во екот на оваа криза, треба да признаеме дека интересите на граѓаните мора да добијат предност пред интересите на потрошувачите. Така, Јапонија, која има многу отворен трговски систем и е последната земја што би можеле да ја обвините за протекционизам, е првата земја што започна да го финансира преместувањето на своите компании од Кина, на јапонските острови или во други азиски земји. Во Европа, ние мора да започнеме да размислуваме за ова прашање, оставајќи го настрана сило-пристапот што спречува создавање целокупна стратешка визија за одредени прашања. Не е во прашање повторното воспоставување на сектори во Европа кои се преместени, но сигурно има стратешки сегменти на пазарот што треба, сега повеќе од кога било, да се чуваат во Европа – сегменти што ги преместивме заради финансиски или еколошки причини. Уште подиректно, ние треба да му дадеме на тоа приоритет. Зарем не би било разумно да има повеќе бизнис активности во Северна Африка или на друго место во Африка, отколку во Азија од сега? Не дека едното треба да го исклучи другото. Но, сега е јасно дека приоритет на Европа, како и нејзин интерес е да се осигура дека земјите во нејзина непосредна близина се развиваат брзо и добро. Во наш интерес е да не се потпираме премногу на странски сили што, на овој или на друг начин, би можеле да ни воспостават висока цена за нашата зависност од нив.

       Ќе треба да смислиме аранжмани за нов вид глобализација. Ликот на            глобализацијата ќе се промени. Ликот на државата исто така, бидејќи нејзиното намалување беше во срцето на неолибералната идеологија

Конечно, третиот начин на кој може да се смени пристапот за системот на снабдување најверојатно ќе вклучи алтернативни технолошки процеси, како што е општата употреба на 3Д печатење или роботи за да се спречи ризикот од офшор производство. Во Италија, користејќи 3Д печатач, некои успеаја да произведат вентили за уреди за интензивна респираторна нега многу брзо и по екстремно ниска цена.

Накратко, ќе треба да смислиме аранжмани за нов вид глобализација, со кои ќе постигнеме рамнотежа меѓу неспорните предности на отворените пазари и меѓузависноста, и меѓу суверенитетот и безбедноста на земјите. Постојат неколку моменти во историјата кога на општествата им се дава можност да се преиспитаат самите, затоа што во најчесто се заробени во огромна мерка од дневните вонредни состојби. Еве, имаме шанса да паузираме и ова треба да е предизвик да размислиме за нашата иднина.

Со оглед на случувањата, не можеме да ги повториме грешките од  2009 година кога, откако забележавме пад на емисиите на стакленички гасови, истите овие емисии повторно ги зголемивме како ништо да не се случило. Не можеме да си дозволиме неуспех во оваа втора епизода, бидејќи пандемијата не дојде од никаде. Не се дивите животни тие кои ја предизвикуваат пандемија. Она што предизвикува пандемија е уништувањето на шумите, губењето на природните живеалишта на дивите животни, намалувањете на биолошката разновидност и прекумерното искористување на ресурсите што ги доведува дивите видови во контакт со луѓето во многу густо населени места. Оваа криза е неоспорен знак дека нашите екосистеми се преоптоварени. Таа е резултат на сите овие фактори кои ни возвраќаат. Затоа е поважно од кога и да било борбата за зачувување на биодиверзитетот да стане главна компонента во борбата против климатските промени. Во овие околности, не е претерување да се зборува за нова глобализација, бидејќи економските, социјалните и еколошките пресврти во текот на последните неколку децении се покажаа како неодржливи.

Затоа, ликот на глобализацијата ќе се промени. Тоа на државата исто така, бидејќи нејзиното намалување беше во срцето на неолибералната идеологија. Од оваа криза стана јасно дека спонтано расте барањето за поголемо дејствување на државата и дека земјите со силна социјална заштита се подобро подготвени да се справат со кризата од оние што ги оставаат своите граѓани да се справуваат сами со пазарот.

Враќањето на стратешката улога на државата ќе биде пост-кризен приоритет. Но, ова нема да биде лесно за постигнување во Европа, каде коегзистираат државите членки и еден пазар. Императивите за создавање на единствениот пазар значеа дека сите механизми за заштита се сметаа за пречки во изградбата на тој пазар. Како резултат на тоа, додека земјите членки постепено ја намалуваа заштитата за да овозможат формирање на единствениот пазар, Европа заборави да изгради колективна заштита. За среќа, работите почнаа да се менуваат и кризата може да го забрза овој процес. Во Европа сега се зборува за построги контроли на странските инвестиции и на нарушувањето на конкуренцијата предизвикани од неевропски земји. Ние сме, исто така, во процес на преиспитување на државната помош. Навистина, Европската комисија неодамна ги направи правилата за државна помош пофлексибилни. Не можеме само ние во ЕУ да се грижиме за нарушувања на конкуренцијата и притоа да ги игнорираме постапките на нашите конкуренти надвор од Европа. Европа веќе не смее да се нуди на тацна на остатокот од светот. Но, има уште долг пат до тоа. Неодамнешното доделување на 5G лиценцата на Кина илустрира како се ставаат настрана европските оператори. На пример, „Нокиа“ и „Ериксон“ неодамна обезбедија удел од само 11,5 проценти од кинескиот договор, споредено со 25 проценти удел за 4G. Во меѓувреме, „Хуавеи“ веќе има 30 отсто удел во пазарот на 5G во Европа.

Исто така, треба да се заштитиме од групи во странство кои сакаат да имаат корист од паѓањето на вредноста на имотите за да ја преземат контролата врз европските компании. Повторно, ќе треба да научиме многу од оваа криза која ја откри асиметричната природа на нашите односи со Кина и да ги мобилизираме инструментите за да се стави крај на оваа состојба.

Сепак, проблемот во Европа е што треба да се земат предвид императивите на единствениот пазар, како и постоењето на нации држави, чии интереси и традиции не секогаш се поклопуваат. Ако бевме бавни во воведувањето механизам за контрола на странските инвестиции, тоа беше затоа што одредени земји-членки сметаа дека можностите што се достапни на некои пазари во развој се премногу големи за да бидат жртвувани и за да имаме построги контроли врз инвестициите кои доаѓаат од истите овие пазари. Но, кога истите овие држави сфатија дека и тие може да бидат жртви на странско преземање на нивните стратешки сектори, и тие го сменија ставот. Сега, дури и одредени традиционално либерални држави како Холандија бараат повисок надзор над странските инвестиции, за да се осигурат дека странските инвеститори не добиваат државна помош. Накратко, Европа не може да биде единствениот регион во светот што ги следи правилата за конкуренција, додека другите не го прават тоа.

ОБНОВУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНАТА ВЛАДА

Ова ме води до прашањето за глобалното управување. Како што одминуваат деновите, неговите неуспеси стануваат појасни. Во последниве години, критиките беа насочени кон Светската трговска организација. Сега, Светската здравствена организација (СЗО) е на   линија за отстрел, точно кога ни треба повеќе од кога и да било. Советот за безбедност на Обединетите нации не беше во можност да донесе резолуција за Ковид-19, бидејќи САД и Кина не можеа да постигнат договор. Ова беше неоспорувана територија досега: дури и за време на студената војна, САД и Советскиот Сојуз успеаја да постигнат договор за зајакнување на истражувањето за вакцината против детска парализа. И Г7, исто така, не беше во можност да се усогласи за текстот, бидејќи една земја сакаше да го нарече Ковид-19 „кинески вирус“. Она на што ние сме сведоци е игра на меѓусебни обвинувања меѓу САД и Кина, игра што го уништува глобалното лидерство. Ова е во спротивност со тоа што го видовме во 2000-тите со воведувањето на глобалниот план за борба против сидата, со  мобилизираните напори за борба против вирусот ебола и, се разбира, со акцијата преземена за време на финансиската криза во 2008 година.

Може да се тврди дека пандемијата не е тема за Советот за безбедност. Но, овој аргумент не е убедлив. Во двата случаи споменати погоре (сида и ебола), во Советот за безбедност имаше едногласно изјаснување. И, ова едногласност помогна да се поттикне акција. Предлог-текстот што неодамна го достави Естонија не беше изгласан, бидејќи голем број земји не се согласија со инсистирањето да има целосна транспарентност во однос на известувањето за кризата, принцип што сметаат дека го поткопува нивниот суверенитет. Сепак, Франција и Тунис работат на нов нацрт.

За прв пат од формирањето на ОН, се покажа невозможно да се постигне консензус за време на пандемија и ова не е добро. Ваквата состојба е резултат на несогласувања меѓу државите и недостаток на интерес меѓу голем број од нив за каква било форма на меѓународно лидерство. Сето ова е крајно загрижувачко, бидејќи знаеме дека силната меѓународна координација може да ја смени ситуацијата. Координацијата овозможува да се споделат најдобрите практики. Таа воспоставува меѓународни стандарди за прегледи на патниците, на пример, на аеродромите, ги обединува ресурсите за тестирање и истражување на вакцини (наместо една земја да се обидува да ги задржи охрабрувачките резултати од истражувањето само за себе и во своја корист); и создава партнерства за производство на сите витални производи и опрема потребни за борба против пандемијата.

Оваа потреба за координација исто така ќе биде исклучително важна кога ќе бидат укинати мерките со кои се затворија државите. Ќе се соочиме со сериозни проблеми ако секоја земја самата почне да излегува од затвореноста и ги укинува мерките. Мора да усогласиме заеднички пристап за да се спречи глобалниот хаос што повторно ќе влијае на меѓународната трговија. Од почетокот на кризата, единствената област каде меѓународната соработка функционираше навистина добро е онаа помеѓу централните банки. Фактот дека тие се способни да дејствуваат автономно и независно од традиционалните меѓудржавни ривалства веројатно стои зад овој успех.

Исто така, оваа криза ги заостри односите меѓу Кина и САД и ја претвори меѓународната безбедносна закана во мултидимензионален конфликт помеѓу овие две земји. Како што укажа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, САД, Кина и ЕУ ќе треба да работат заедно за излегување од кризата. Европа ќе треба да осигура дека ефектите од ова ривалство нема да имаат негативни реперкусии во одредени региони во светот – особено Африка, на која ќе ѝ треба вистинска финансиска поддршка за решавање на пандемијата.

 „Не можеме само ние во ЕУ да се грижиме за нарушувања на      конкуренцијата и притоа да ги игнорираме постапките на нашите конкуренти надвор од Европа. Европа веќе не смее да се нуди на тацна на остатокот од светот

Со оглед на оваа ситуација, ако сакаме да дадеме пример и, пред сè, да бидеме веродостојни, прво треба да им покажеме на сопствените граѓани дека дома го  практикуваме тоа што го проповедаме на меѓународен план – а со тоа мислам на солидарност. Европските земји презедоа голем број мерки за да спречат колапс на нивните економии. Плановите за обнова се започнати. Ова е чекор во вистинската насока, но, сè уште сме далеку од достигнување на пристап заснован на европска солидарност. Исто така, треба да осигураме дека националните планови за обнова не го поткопуваат единствениот пазар. Ако во дадена земја деловните субјекти добиваат помош според национален план за поддршка кој е многу пообемен од она што е во сила во државите на нивните конкуренти, тие може да добијат пресудна предност откако ќе заврши кризата – и тоа може да ја зголеми економската нерамнотежа на единствениот пазар. Поделбата север-југ, што беше веќе воспоставена пред кризата, може да стане уште поизразена по неа. И таа неизбежно ќе влијае на поддршката на луѓето за европскиот проект. Како што стојат работите, јасно е дека фискалните мерки воведени од владите за поддршка на производниот систем се многу посеопфатни во Германија отколку што се во Италија или Шпанија.

Ковид-19 откри и една од главните слабости на монетарната унија: недостаток на функција за фискална стабилизација на еврозоната како целина. Иако потеклото на пандемијата ја прави кризата симетрична, нејзините последици се многу асиметрични. И, во социјална и во географска смисла, нејзините огромни трошоци нема да бидат поделени подеднакво.

ТЕСТ ЗА ДЕМОКРАТИИТЕ

Оваа криза ќе биде политички тест за демократските системи во Европа. Кризите секогаш им покажуваат на општествата каде се нивните јаки и слаби страни. Политичките наративи се веќе напишани за да нѐ подготват за она што доаѓа потоа. Постојат три конкурентни наративи: популистичкиот наратив, авторитарниот наратив (на многу начини слични на првиот) и демократскиот наратив. Во теорија, популистичкиот наратив треба да биде сериозно засегнат од оваа криза, бидејќи му дава важност на рационалниот пристап, на експертизата и знаењето – принципи што популистите ги исмеваат или ги отфрлаат, бидејќи ги поврзуваат сите тие квалитети со елитата. Навистина, тешко е да се продолжи со наративот „дали е тоа вистината“, кога знаеме како луѓето се заразуваат, кои групи се изложени на ризик и кои превентивни мерки треба да се преземат за борба против пандемијата. Но, популистите, пред сè и најважно, можат да ги обвинат странците за ширење на вирусот. Тие исто така можат да го посочат прстот кон глобализацијата, традиционалното жртвено јагне за сите болести. Во истата насока, тие можат да извршат построга гранична контрола и да го искористат ова како можност да го зголемат непријателството кон имиграцијата. Популизмот е менувач на облици. Тој се прилагодува на секоја ситуација и може лесно да го промени правецот бидејќи не чувствува потреба да прави разлика помеѓу вистината и фикцијата. Покрај тоа, популистите секогаш ќе бидат во леснотија во време кога преовладува стравот. Постои големо искушение да се искористи оваа исклучителна ситуација за ограничување на правата и слободите. Можеме да се движиме кон дигитална форма на авторитаризам, што одредени земји јасно го прават веќе. Ова е тоа што се случи по 11 септември, кога „војната против теророт“ доведе до ерозија на личните слободи. Веќе го надминавме Орвел.

Авторитарниот наратив е сличен на популистичкиот наратив со тоа што се обидува да ги поедностави проблемите и да обезбеди едно  објаснување за сите нив. Нивниот заклучок е дека само авторитарните и централизираните режими можат да ја поразат пандемијата  мобилизирајќи ги сите ресурси на една земја. Но, ние знаеме дека ова е неточно. Веќе знаеме дека добро организираните демократски земји имаат најголем успех во смисла на контролирање на кризата.

Затоа останува на крајот демократскиот наратив. Тој е најтешко да се состави, бидејќи сомневањето, испрашувањето, разгледувањето и дебатите се темели на демократските општества. Сето тоа го отежнува брзото и ефикасното делување засновано врз јасен и неоспорен наратив. Но, во основа, откако ќе заврши кризата, луѓето од Европа ќе донесат своја пресуда за пристапот што го презеде секоја земја-членка и Европа како целина. Клучно за ЕУ е да биде видена како играч што може да направи разлика. Ова не значи дека треба да го заземе местото на земјите-членки, туку треба да го поттикне  нивното дејствување за да се даде значење и супстанца на основното прашање за кое станува збор: заштита на европскиот модел. Но, овој модел ќе значи нешто пред очите на светот само ако може успешно да промовира солидарност меѓу земјите-членки. И, по ова прашање, ние треба уште многу да направиме.

Уште еднаш, живееме во егзистенцијален момент за ЕУ, затоа што начинот како ќе одговориме ќе влијае на кохезијата на нашите општества, на стабилноста на нашите национални политички системи и на иднината на европските интеграции. Сега е време да ги излечиме раните од претходните кризи, да не ги отвориме повторно. За да се постигне тоа, институциите и политиките на ЕУ треба да ги придобијат срцата и умовите на граѓаните на Европа. И, во овој поглед, останува уште многу да се направи.

(Жозеп Борел е висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика. Текстот е објавен од Европскиот совет за надворешни работи)