Последната шанса на полската опозиција


СЛАВОМИР СЈЕРАКОВСКИ

Сегашниот претседател Анджеј Дуда сѐ уште има најголеми шанси за победа на претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи на 28 јуни. Но опозицијата не е без шанси доколку успее да ги надмине поделбите

 

Демократската опозиција на Полска се приближува до последната шанса да го запре лидерот на партијата Право и правда (ПиС) Јарослав Качињски во консолидирањето на неговиот нелиберален популистички режим. Неговата марионета, полскиот претседател Анджеј Дуда, е блиску до повторен избор, а Качињски толку многу сака да ја оствари победата, што првично се спротивстави на одложување на изборите на 10 мај, и покрај очигледниот ризик за јавното здравје во услови на пандемија.

Јавната збунетост ќе ја гарантираше победата на Дуда во првото коло. Но, изборите не се случија на 10 мај, како резултат на револтот на малата партија Договор, чиј лидер Јарослав Говин досега беше лојален на Качињски. Тогаш ПиС беше принуден да ги одложи изборите, но Дуда сепак има добра можност – макар и влошена – да обезбеди втор мандат, без оглед на датумот.

Малгоржата Кидава-Блонска, претходниот кандидат на најголемата опозициска партија, Граѓанска платформа (ПО), имаше силен почеток во февруари, но нејзините шанси стануваа сѐ полоши во текот на пандемијата. Поради неодлучноста на ПО дали да го бојкотираа гласањето на 10 мај, нејзината поддршка падна од околу 30 отсто на премногу ниско, на 2-3 проценти, па таа отпадна од трката.

Сега постои потенцијална поделеност помеѓу опозициската левица и новата централно-десничарска групација околу Владислав Косинијак-Камиш, популарниот лидер на Полската народна партија (ПСЛ), кој ја преобликува некогаш застарената партија во модерна христијанска демократска сила. На Косинијак-Камиш може да му се придружи и Шимон Холовнија, независен кандидат со либерално-католички погледи, малку популистички стил и како поранешна телевизиска личност, препознатлив по името. Мајстор на социјални медиуми и прибирање финансиски средства, Холовнија привлече експерти од целиот политички спектар кон својот штаб.

Имајќи корист од лошиот одговор на ПО на пандемијата и изборната криза, Косинијак-Камиш и Холовнија премеруваат дали да започнат ново политичко групирање (потенцијално заедно со партијата на Говин) за да ја водат опозицијата. Немајќи достоен наследник на претходниот лидер Доналд Туск, поранешен полски премиер и претседател на Европскиот совет, ПО не е популарна дури и меѓу сопствените гласачи, од кои многумина ја сметаат партијата како корумпирана и доминирана од интересите на елитите.

Сепак, паѓањето на ПО во бездната засега е стопирано. Кидава-Блонска е заменета со градоначалникот на Варшава, Рафал Трзасковски, еден од водечките – и најлевичарски – политичари на ПО. Иако таа особина можеби му служеше добро на изборите за градоначалник во Варшава во 2018 година, најверојатно ќе му наштети во провинциите.

ПиС бараше одржување на изборите што е можно поскоро, па гласањето е закажано за 28 јуни. На Трзасковски му беа дадени само пет дена да собере 100.000 потписи и да го регистрира неговиот комитет, а неговата кампања ќе трае само две недели. Но, напорите на ПиС за блокада може да имаат контраефект. Принудувајќи го Трзасковски да собере потписи за толку кратко време (иако во никој случај не е невозможен подвиг) тоа го потхрани наративот за Давид против Голијат. Полјаците се познати по тоа што создаваат жртви – а потоа ги фалат.

И, всушност, како нов кандидат, Трзасковски драматично се крена во анкетите. Тој се појави свеж и силен, како тркач на маратон кој се приклучи на трката во 20-тиот километар. Активистите собираат потписи на улиците ентузијастички, речиси трескавично. Ако трендот продолжи, Трзасковски би можел да го изоди целиот пат до победата. Во меѓувреме, Дуда бледнее брзо, така што веќе е јасно дека изборите нема да се одлучат во првиот круг.

Дуда сè уште води, со малку повеќе од 40 проценти поддршка (во согласност со поддршката за ПиС), но Трзасковски веќе достигна 26-28 отсто, со тоа што за Холовнија би гласале околу околу 11-12 отсто, а за Косинијак-Камиш околу шест проценти. Со околу 10 отсто поддршка, Кжиштоф Босак од екстремно десничарската партија Конфедерација, исто така, одлично стои, додека Роберт Бидрон од левичарската партија Левица се спушти на околу два отсто, откако многумина негови поддржувачи се свртеа кон Трзасковски.

Непосредната стратегија на Трзасковски е да се елиминира конкуренцијата во опозицијата, играјќи на пошироката поделеност на ПиС/анти-ПиС. Тој откри план за елиминирање на јавниот канал за вести (ТВП Инфо) и забрана за уредување на сите поголеми јавни канали, така што тие никогаш повеќе не можат да се користат за владина пропаганда, како што направи ПиС.

Но, „анти-ПИС“ платформата можеби не е доволна. Додека Трзасковски ги има големите градови со себе, тој ќе мора да победи над провинциската, конзервативната, католичка Полска, која има корист од социјалните програми на ПиС и останува непријателски расположена кон елитите, особено оние кои се поддржани од ЛГБТ заедницата. Како и неговите двајца големи претходници, Туск и Александар Квашњевски, ќе мора да докаже дека може да биде „народен“ политичар. Дури и тоа нема да му обезбеди поддршка во длабоко руралните области; но тој може да биде во можност да обезбеди поддршка од средните градови (20.000-100.000 жители). За таа цел, тој посетува не помалку од пет места на ден.

Победата на Трзасковски ќе биде голем напредок. Дуда е секогаш подготвен да го потпише секој закон што ПиС го става на неговото биро така што тој сега нашироко се нарекува „пенкало“. Немајќи парламентарно мнозинство од три петтини, ПиС не може да го поништи ветото на опозицискиот претседател. Пукнатините во коалицијата ќе се продлабочат.

Од друга страна, ако опозицијата изгуби, исто така ќе ја изгуби и последната шанса да го проверува ПиС. Парламентарните избори нема да се одржат уште три години, што е повеќе од доволно време за ПИС да го консолидира авторитарниот режим што го гради. ПО, најсилната партија, ќе ја изгуби легитимноста. Распаѓањето на полската опозиција ќе се забрза, а апатијата на граѓанското општество ќе се продлабочи.

Потчинувањето на судството од Качињски веќе е во тек. Дуда ја избра Малгоржата Мановска, поранешен заменик-министер на ПиС, да биде прв претседател на Врховниот суд, институција што ќе ги потврди изборите. Ако Дуда изгуби, дали Качињски ќе прибегне кон употреба на судот за да го поништи резултатот? Во овој момент, можноста не може да се исклучи.  (Проект синдикејт)

(Славомир Сјераковски, основач на движењето „Критика политична“ е директор на Институтот за напредни студии во Варшава)