Поскапото гориво во Германија донесе неочекуван ефект на германските автопати


Порастот на цените на горивата почна да го менува однесувањето на возачите, а последиците се веќе видливи на патиштата.

Според податоците и набљудувањата од Германија, сè повеќе возачи на автопатите возат побавно од порано, најчесто помеѓу 110 и 120 км/ч. Причината е едноставна – поголемата брзина значи и значително поголема потрошувачка на гориво.

„Возачите станаа помирни, има помалку бркање“, рече Патрик Мартин од германската полиција, додавајќи дека ова е личен впечаток, но базиран на секојдневно искуство на патот.

Ова е особено забележливо кај оние кои секојдневно патуваат на работа. Токму тие, поради постојаните трошоци, најмногу го прилагодиле својот стил на возење. Исклучок се службените возила, каде што трошоците за гориво честопати не ги сноси возачот.

Разликата во потрошувачката при различни брзини дополнително ја објаснува оваа промена. Додека автомобилот троши помеѓу 5 и 7 литри при 120 км/ч, при 160 км/ч потрошувачката се зголемува на околу 10 литри, а кај некои модели и повеќе од 50 проценти во споредба со умерено возење.