„Попустот“ за горивата завршува на 18 мај, што потоа? Ако треба ќе разговараме за продолжување, вели Божиновска


Фото: Б. Богдановска

Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска најави дека, ако е потребно, повторно ќе се разговара со „Окта“ за продолжување на попустот за дизел горивото од три денари за литар и за бензините од два денари и по 18 мај кога истекува сегашниот договор. Тогаш завршуваат и владините поволности за намалени давачки за горивата. Следните чекори, како што вели мионистерката, ќе зависат од случувањата со цените на нафтените деривати на берзите и од војната на Блискиот Исток.

„Следиме се што се случува. Нашите мерки моментално се до 18 мај, што значи дека следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените на берзата и со војната. Неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и ако е потребно повторно ќе преговараме со ОКТА за продолжување на попустот. Правиме се што е во интерес на нашите граѓани“, рече Божиновска во одговор на прашање на денешната средба со новинарите во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Таа нагласи дека земјава е трета според мерките кои ги презема за цените на нафтените деривати и потенцира дека имаме најниски цени во регионот.

Како што посочи ниту една компанија која правела реекспорт на нафтени деривати од земјава се нема обратено во Министерството за енергетика.

„Државниот пазарен испекторат и Царинската управа веќе проверуваат дали е правен реекспорт на деривати“, рече Божиновска.

Инаку, како што беше посочено на брифингот со новинарите, заклучно со април годинава, низ продуктоводот од Солунското пристаниште до „Окта“, биле пренесени 145 илјади метри кубни дизел гориво, што е 30 отсто од планираниот транспорт за оваа 2026 година.