Популистичката карма на ВМРО-ДПМНЕ


НАНО РУЖИН 

Дали ВМРО-ДПМНЕ има сили да го надмине политичкиот инфантилизам и да се наметне како сериозна партија која ќе се ослободи од длабокиот популизам? Имаат ли сили да ги стопат лошите карми на долгогодишното авторитарно владеење кои ги уназадија и државата и партијата? Поседуваат ли мудрост да ја сфатат метафората за бродот и одговорноста на капетанот кон машината, морнарите и товарот? Како што стојат работите, жедта за популизмот сè уште е главна алатка за освојување на власта.

Да се потсетиме, оваа партија воведе многу новини во политичкиот живот на Северна Македонија. На почетокот сите беа фасцинирани од нивните спинови, ширината на политичките фикции и маѓепсаноста на „патриотските“ толпи. Добија апсолутно мнозинство во Собранието и во локалната самоуправа,  ја задушија слободата на медиумите, критиката исчезна, а Македонците по професија и администрацијата се обидоа да го хомогенизираат народот. Цинизмот на лидерот се лепеше за илузијата дека единствено „тој и неговата партија го претставуваат народот и дејствуваат во негово име, за доброто на Македонија“. Народот наивно веруваше дека учествува во политичкиот живот, додека ВМРО-ДПМНЕ упорно ги  фаворизираше разните форми на клиентелизам.

Овој синдром не е пронајдок на ВМРО-ДПМНЕ. Кога доаѓаат на власт, популистичките партии негуваат авторитарна психологија и се ориентираат кон мека диктатура. Оттука и напорите да се контролира секоја пора на животот, секое вработување, секоја критика, секој што мисли поинаку. Нивните идеолошки ориентации не се многу елаборирани. За време на ВМРО-ДПМНЕ се изнаслушавме флоскули без кохерентни интелектуални концепции или долгорочни политички визии. Популистите се конзервативно ориентирани, верски затапени и реакционерни. Дури ја злоупотребија и наивноста на свештениците. Врвот и добар дел од духовните татковци на МПЦ се навлекоа на спиритуалниот цинизам на  ВМРО-ДПМНЕ. Популистичките партии се непријателски расположени кон политичкиот либерализам и демократијата.  Гласачите спорадично ги поддржуваат нивните каузи, иако не ги впиваат нивните идеологии, но им пристапуваат од клиентелистички интереси. Говорите на популистите  рефлектираат спектар на фантазми и полувистини. Нивната носечка митологија е одбраната на „националниот суверенитет и гордост“ кон Атина. Меѓутоа, нивните лидери, тајкуни  и поддржувачи се водечки посетители на скапите грчки острови и летувалишта. Популистите тврдат дека тие го претставуваат „вистинскиот народ“, независно дали се на власт или во опозиција. Отворено ги култивираат национализмот и носталгијата кон минатото. Бранат извесна провинциска визија на државата и се дефинираат како патриоти. Лесно развиваат омраза кон „другите“ и ја форсираат менихиенската визија за општеството, помеѓу „нив-добрите“ и „другите-лошите“, помеѓу „нив-чуварите на македонизмот и светото име“ и „издајниците-северџани“. Слично на  унгарските и полските популистички елити, и македонските популисти ги третираат основните европски вредности и космополитизмот како основни причини за несреќата и  ерозијата на националните и христијанските вредности. Патем, не држат до своите ветувања, развиваат силен религиозен фундаментализам, надевајќи се во цврстината на христијанската заедница. Популистите настојуваат да профитираат од слабостите на демократијата, особено од социјалните нееднаквости. Темата на спротивставувањето помеѓу „чистиот народ и елитите“ е првата карактеристика на популизмот. Тие ги потхрануваат инфантилните фантазми на примитивните сфаќања, инаку психолошки сценарија што ги осветлил Фројд.

Според Гуи Хермет, популизмот претставува „антиполитички преседан“ кој преку игнорирањето или нечесноста не ја почитува ниту деонтологијата ниту уметноста на политиката. Популистичките лидери ја охрабруваат систематската експлоатација на сништата. Тие му ласкаат на народот и склони се кон демонтирање на сите пречки кои стојат на патот на моменталната реализација на  нивните желби. Проектот „Скопје 2014“ или проектот „Субрата Рој“ се најпластични примери на усилениот инфантилизам на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ. Во таквата перспектива тие нудеа една карикатурална манифестација на демагогијата. Отровот на демагогијата како да се наталожил и во душата на сегашната раководна структура. Партијата не се ни обидува да ги преиспитува ирационалните користења на лагите и полувистините како алатки за освојување на власта. Користењето демагогија не е компатибилно со вистината. На пример, ветувањата дека ќе го раскинат Преспанскиот договор се потврда дека ВМРО-ДПМНЕ е во конфликт со реалноста. Лажната вест е инструмент на додворување во двојна насока. На толпата ѝ се допаѓа да верува во нереални нешта, јакнејќи го чувството на вредноста на оној што ја создава. Воедно, лажната вест игра огромна улога во пропагандата оркестрирана од страна на лидерите. Мевлемот на нивниот политички депуратив беше аферата „Рекет“, иако во минатото „рекетите“ на ВМРО-ДПМНЕ беа многу пострашни и со човечки жртви. Снимките од аферата „Рекет“ објавени во „Ла верита“ покажуваат дека популистичката интернационална функционира беспрекорно, како јужноамерикански картел со поддршка на главните европски популисти од Будимпешта до Рим, сè до нивниот скап бел дворец. Во говорот на популистите доминираат омраза и насилство. Нивните поддржувачи се пронаоѓаат во илузиите и се солидаризираат против утврдениот поредок. Користат недостоинствени ставови, остри реторики и вулгарни изрази. Јавноста ја манипулираат со факти и емоции, патриотизам како автентични чувари на националните вредности. Повикуваат на агресивност и тешки навреди преку социјалните мрежи, јавни говори, конференции за печат или медиуми. Да се сетиме само на црниот понеделник од 24 декември или на 27 април.

Во изминативе недели се изнаслушавме „вистинити“ приказни за „криминалните“ афери на СДСМ. Толку не се пишуваше ниту за смртта на Младенов или Крпач или за оние несреќници од Диво Насеље. Се настојува да се прикаже една алтернативна реалност, со употреба на лаги, негација на научните наследства и политичко претставништво со илузорна природа. Овој емотивен регистар е филуван со култот кон шефот кој храбро падна во Будимпешта за Македонија.  Некои автори сметаат дека популизмот е перманентна стратегија на лидерот кој има силни лични амбиции, желба за егзибиционизам и егоизам. Демократските режими секогаш биле под закана од демагозите. Нивниот популизам претставува карикатурална форма на овој дериват. Во Европа популизмот се поима како прв  сигнал за вклучување на алармот. Пред сè, потребно е да им се објасни на граѓаните за опасноста од популизмот. Неопходно е да се подобри демократското претставување на граѓаните, со оглед дека тие се чувствуваат недоволно присутни во политичкиот живот. Пожелно е да се подобрат директните контакти помеѓу граѓаните и пратениците, односно функционерите  кои се антипопулистички настроени. Полезно е да се диверсифицира политичкиот хоризонт со воведување на зачестени контакти на разновидни политички партии, невладин сектор. Политичката вообразеност како стара болка на социјалдемократите треба да се сече во корен. Да се зголеми учеството на граѓаните низ социјалните мрежи и да им се олесни пристапот кон информации за да влијаат врз политичките одлуки. Во Франција и Германија се конституирани форуми на граѓани од хетероген состав во битката против популизмот. Неопходно е создавање на нумеричка централизирана платформа со едукативни програми, семинари, обука на граѓани и слично. Корисно е да се внимава на вработувањето на младите, ширење на професионалната обука, стажови… Сепак, основно е дека делата треба да зборуваат повеќе отколку  зборовите. СДСМ и коалицијата изгубија многу време, покажаа млитава ефикасност, нерешителност кон евидентните изигрувања на законите од страна на разни институции и поединци во судската власт, медиумите, лоби-групите. СДСМ и антипопулистичката коалиција треба да покажат голема решителност, храброст и брзина како онаа на 27 април. Времето на досадниот политички пинг-понг заврши. Процесите треба да се забрзаат. Одговорноста на сите кочничари да се заостри.