Популарни звуци го маѓепсаа Скопје – во Сули ан со Панфили и „Фејмс“ се славеше светската музика


Префинета публика, синоќа, во свежото Скопје, во рамки на 47. фестивал „Скопско лето“, уживаше во спојот на класичната традиција, фолклорното наследство и филмската имагинација. Историскиот двор на Сули ан се претвори во светска сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што публиката музички патуваше низ разни култури и епохи . Преку делата на Барток, Григ, Штраус, Пјацола, Зимер, Вилијамс и Мориконе, од вестерн до чардаш, од либертанго до темата од „Шиндлеровата листа“ на Спилберг,  таа ја откри трајната моќ на ритамот, мелодијата и бојата на оркестарот.

Беше ноќ за паметење, со маестрална изведба, со емоции.  Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност. Во едно друго време, на друго место.Штета што влези-излези на публиката и џагорот од калдрмата на Старата чаршија го реметеше овој концерт од светски калибар.

Настапи еминентната и шармантна молдавска виолинистка, композиторка и аранжерка Русанда Панфили , која има настапувано со Jerusalem Symphony Orchestra, RSO Vienna и Државниот симфониски оркестар на Мексико, во двојна улога – како солист и диригент, по втор пат, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа. Од 2016 година е соло виолинистка во продукциите „Hans Zimmer Live” и „The World of Hans Zimmer”.

– „Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.

Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа. Институтот „Фејмс“ веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво, поддржан од европски фондови. Младите музичари се бираат по пат на аудиција четири пати во годината и таленти од триесетина земји се во Скопје, заедно со млади музичари од Македонија кои се членови на оркестарот.

Л. Сабит