Популарен антибиотик поврзан со 30% помал ризик од шизофренија


Често препишуван антибиотик може да придонесе за намалување на ризикот од развој на шизофренија кај адолесцентите, открија научниците. Меѓународен тим научници од Универзитетот во Единбург дошол до овој заклучок анализирајќи податоци од голем фински регистар за здравствена заштита.

Тимот ги проучувал податоците собрани од повеќе од 56.000 адолесценти кои разговарале со психолози или психијатри за разни ментални нарушувања и им биле препишани антибиотици од други причини. Тие откриле дека ризикот од развој на шизофренија кај групата третирана со антибиотикот доксициклин бил за 30 до 35 проценти помал во споредба со развивањето на истата болест кај нивните врсници на кои им биле препишани антибиотици од друга група.

Што е доксициклин и како влијае на мозокот?

Доксициклинот е антибиотик со „широк спектар“ кој најчесто се користи за лекување на инфекции и акни, а научниците веруваат дека неговиот ефект врз шизофренијата може да биде поврзан со ефектите на лекот врз воспалението и развојот на мозокот.

И претходните студии покажуваат дека доксициклинот може да го намали воспалението во мозочните клетки и да влијае на синаптичкото кастрење – природен процес во кој мозокот ги рафинира своите невронски врски. Тоа вклучува отстранување на непотребни компоненти, во овој случај вишокот синапси, што е од суштинско значење за брзо и ефикасно функционирање на мозокот.

Синаптогенезата е името на процесот во кој се формираат синапси – места каде што се одвива комуникацијата помеѓу два неврони.

Формативно може да се каже дека мозокот е како компјутер кој постојано брише непотребни податоци, со што прави простор за нови, а тоа се случува за време на спиењето. Исклучително важна активност на мозокот е способноста да ги разгради старите невронски врски, што се нарекува „синаптичко кастрење“.

Но, процесот на прекумерно кастрење е поврзан со развојот на шизофренија, тешко ментално нарушување кое обично се појавува во раната адолесценција и често е поврзано со халуцинации и заблуди.

Откритието отвора можност за нова превентивна терапија
Тимот го нарече откритието исклучително интересно, истакнувајќи дека укажува на потенцијалот за пренамена на постоечки, широко користен лек како превентивна мерка во третманот на оваа сериозна ментална болест.

„Дури половина од луѓето кои развиваат шизофренија претходно разговарале со професионалци за ментално здравје на деца и адолесценти за некој друг проблем со менталното здравје“, објасни професорот Иан Келехер, водач на студијата и професор по детска и адолесцентна психијатрија на Универзитетот во Единбург.

Тој исто така рече дека лекарите „моментално немаат специфични интервенции за кои е познато дека го намалуваат ризикот од развој на шизофренија кај овие млади луѓе“, но дека откритието е предизвик и поттик за нив да продолжат со своето истражување.

Потребни се понатамошни истражувања
„Бидејќи ова е опсервациска студија, а не рандомизирана контролирана студија, не можеме да извлечеме цврсти заклучоци за причината и последицата, но ова откритие дава силен поттик за понатамошни истражувања за заштитните ефекти на доксициклинот и другите антиинфламаторни третмани кај адолесцентни психијатриски пациенти како начин за потенцијално намалување на ризикот од развој на сериозни ментални болести во подоцнежната зрелост“, рече Келехер.

Во студијата учествуваа истражувачи од Универзитетот во Единбург, Универзитетот во Оулу, Универзитетскиот колеџ во Даблин и Групата за болнички услуги „Св. Јован Богослов“, а беше финансирана од Советот за здравствени истражувања.

Резултатите од студијата беа објавени во Американскиот журнал за психијатрија.