Поп-ѕвездите го обединија светот: Концерти за поддршка на вакцинацијата и против климатските промени

САД- Шеесет илјади фанови се собраа вчера во Централ Парк во Њујорк да танцуваат на уметници како Колдплеј, Били Ајлиш, Џенифер Лопез, Синди Лопер и Лизо, како дел од настанот „Граѓанин на светот“ (Global citizen), што се одржа во различни градови низ светот. Ед Ширан настапи во Париз заедно со Елтон Џон, Доџа Кет, „Блек ајд пис“ и Стормзи. Пејачот Феми Кути настапи во родната Нигерија, а Бразилецот Алок во Рио. Легендарните „Дјуран Дјуран“ и Кајли Миног пееја во Лондон. Целта е покревање на глобалната свест за климатските промени, гладот и правото за пристап до вакцини за сите. Идејата е да се фокусира вниманието на милиони гладни и различните итни потреби на земјите во развој.
Концертите, се совпаѓат со неделата на Генералното собрание на Обединетите Нации. Ѕвездите, исто така, ја поканија Г-20 на делување, како и учесниците на состанокот за климата КОП-26 во ноември.

„На шест континенти, уметниците ќе им помогнат на граѓаните да бараат од владите, големите корпорации и филантропите да работат заедно за да ја заштитат планетата и да ја победат сиромаштијата“, се наведува во најавата на невладината организација „Граѓанин на светот“.
Водачот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејсус ја поддржа најновата кампања која повикува и на еднаквост во пристапот до вакцини.