Поништена одлуката за суспензија на Радио Слободна Европа

Одлуката на американската Агенција за глобални медиуми (УСАГМ) за суспензија на финансирањето на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РС) а по указ на претседателот Доналд Трамп за затворање на агенцијата е поништена, се наведува во писмо од Кери Лејк, виша советничка на директорот на УСАГМ.
Одлуката на агенцијата од 15 март е повлечена и грант-договорот со РСЕ е обновен. Лејк прецизираше дека агенцијата го задржува правото и во иднина да го укине финансирањето.
На 15 март агенцијата ја информираше РСЕ за суспензија на федералниот грант, од кој се финансираше работата на медиумот. Одлуката уследи по указот на претседателот на САД за ликвидација на УСАГМ (која раководи и со „Гласот на Америка“) и уште шест федерални агенции. Трамп побара „во најголема можна мера да се укинат неуставните компоненти и функции“ на тие агенции со значајно намалување на нивниот персонал. Неколку дена подоцна, „Радио Слобода“ преку суд доби привремена забрана за запирање на финансирањето. Европските лидери, пак, ветија дека ќе разгледаат можност за барем делумна обнова на работата на медиумот.
Многу експерти од САД и Еврпоа ја окарактеризираа одлуката на Трамп „подарок за диктаторите ширум светот“, посебно за претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Според извештајот на УСАГМ, во 2025 година РСЕ, кое што е основано во 1950 година, од американската влада добило 153 милиони долари. Една година по неговото основање медиумот започна да емитува програми за Бугарија, Чехословачка, Унгарија, Полска и Романија. Во 1953 година вклучено е и „Радио Слобода“ наменето за програми за СССР.
За медиумот сега работат повеќе од 1700 вработени работи на 27 јазици во 23 земји, вклучително и Русија, Белорусија, Иран и Авганистан. Според внатрешни мерења, публиката на овој медиум изнесува 47 милиони луѓе