Помала сингапурска студија откри дека луѓето со корона не се заразни по 11 дена
Болните од Ковид-19 по 11 дена од заразата повеќе не се инфективни, иако некои и понатаму се позитивни на вирусот, покажаа резултатите од новата студија изработена од тим стручњаци за болеста од Сингапур.
„Позитивен тест не значи дека лицето е инфективно“, стои во заедничката студија на Националниот центар за инфективни болести и Академијата за медицина на Сингапур.
Студијата се базира на 73 пациенти во Сингапур. Наведеното откритие можеби ќе има влијание на отпуштањето пациенти со корона вирус од болница.
Сегашниот критериум во Сингапур е дека пациентите се пуштаат дома откако повеќе не се позитивни на корона вирус, а инфективноста не се гледа.
До сега 45 отсто од пациентите се отпуштени од болница во Сингапур. Повеќе од 30.000 луѓе во земјата беа инфицирани со корона вирус, а починаа само 23.