Половина членки на ЕУ не дозволија ограничување на пристапот на Израел до програмата „Хоризонт Европа“

Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) не го одобри предлогот на Европската компанија за запирање на финансирањето на проекти на израелски субјекти поврзани со истражување на одбранбени и технологии за двојна намена, преку програмата на Унијата за поддршка на истражувачки активности „Хоризонт Европа“.
Според дипломатски извори, на заседанието на Корепер што траело до доцна синоќа земјите членки не успеале да го обезбедат потребното квалификувано за усвојување на предлогот.
За усвојување на предлогот беше потребна поддршка од најмалку 55 отсто од земјите членки на ЕУ, односно 15, при што во нив треба да живее најмалку две третини од населението на Унијата.
Комисијата во понеделниот предложи ограничување на пристапот на израелски субјекти до програмата „Хоризонт Европа“, како реакција на хуманитарната криза во Газа за што одговорноста се припишува на Израел.
За усвојување на предлогот се изјасниле десетина земји, меѓу кои и Белгија, Ирска, Франција, Холандија и Шпанија, од кои некои дури предлагале и построги мерки, како што е суспендирање на трговските бенефиции за израелските фирми или забрана за увоз на стоки од палестинските окупирани територии.
Сепак, мнозинството земји членки не го поддржале предлогот, а најжестоки противници на неговото усвојување, според дипломатски извори, биле Австрија, Бугарија, Унгарија и Чешка.
Германија и Италија биле неопределени со образложение дека им се потребни дополнителни анализи на предлогот, забележувајќи дека имале малку време од неговото поднесување, па до одржувањето на седницата на Корепер.
Според процедурите, сега Еврокомисијата може да побара свикување нова седница на Корепер за одобрување на предлогот или пак процесот на негово усвојување да се одвива преку добивање на писмени согласности од земјите членки, без одржување на ново заседание на Комитетот.
Сепак, според дипломатски извори, такви иницијативи би можеле да се очекуваат по летниот одмор на институциите на ЕУ, што завршува кон крајот на август.
За тој период е предвидено одржување и на неформално заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кое една од главните теми за расправа ќе биде хуманитарната ситуација во Газа и можните мерки против Израел.