„Политико“: Лингвистичка гимнастика на Бугарија околу Македонија


Како јазична гимнастика го оцени денешен „Политико“ спорењето на македонскиот јазик од страна на Бугарија, поради што денес на министерскиот состанок на ЕУ најверојатно нема да се расправа за почетокот на преговорите со Македонија. Според „Политико“ тврдењето дека македонскиот не е посебен јазик туку регионална варијанта на бугарскиот е основата на спорот кој повторно ги загрозува европските перспективи на земјата. Притоа, ја отвора дилемата: Како безусловна одлука за почеток на преговорите стана одеднаш условувана од земја членка на Унијата, која и самата дала согласност за неа?  

Според медиумот, бугарската блокада ги фрустрира другите земји во ЕУ бидејќи ги загрозува стратешките приоритети на Унијата во регионот и го зголемува влијанието на ривалските сили како Русија, Турција, Кина и арапските држави од  Заливот кои се сè поактивни. Но, како што забележува, тоа не е ништо во споредба со бесот што се чувствува во Северна Македонија.

„Ако која било нација во Европа треба да избере помеѓу својот идентитет и влегувањето во ЕУ, тогаш има нешто лошо во тој пакет опции“, рече за „Политико“ вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров.

Како и многумина, тој смета дека јазичниот спор е прашање на национален идентитет.

„Кои сме ние, е нашата работа. Прашање е за македонскиот народ. Сметаме дека ова во никој случај не треба да биде предуслов за нашата европска иднина“, рече Димитров.

„Тука има и удел за Европската унија“, рече тој. „Одлуката за почеток на пристапните преговори беше безусловна. Како Европа ќе се справи со ова, каква порака ќе испрати до целиот регион во врска со кредибилитетот на процесот?“

Сите 27 земји-членки, вклучително и Бугарија, потсетува „Политико“,  се согласија да започнат разговори со Северна Македонија и Албанија во март, без дополнителни услови. Но, Бугарија испрати меморандум до другите 26 земји, инсистирајќи на тоа дека документите на ЕУ треба да признаат дека „официјалниот јазик што се користи во денешна Република Северна Македонија може да се смета само како пишана регионална норма на бугарскиот јазик“.

Според медиумот, бугарскиот и македонскиот јазик се меѓусебно разбирливи – но тоа е случај со многуте словенски јазици што се зборуваат во земјите што граничат едни со други.

Петар Тодоров, македонски историчар, верува дека неговата земја ефективно се казнува затоа што е релативно млада нација. Тој вели дека е апсурдно да се третира една земја поинаку само затоа што нејзините предци не го одделувале нивниот идентитет од Бугарите доволно рано.

„Создавањето на македонскиот национален идентитет“, рече Тодоров, „не се разликува од создавањето на кој било национален идентитет ширум светот. Да се ​​каже дека етничкиот идентитет на Македонија е создаден само со политички декрет во 1945 година, нема никакви основи во современата наука“.

Плус, мнозинството современи европски нации, како и поранешните империи како Велика Британија, Франција и Германија или нордиските земји – ги кодифицираа своите пишани и стандардни модерни јазици во 19 и 20 век.

На крајот на краиштата, смета „Политико“, ниту „јазик“ ниту „дијалект“ не е јасно дефинирана категорија и тешко дека спорот ќе го решат лингвисти.

Во меѓувреме, пишува медиумот, во Северна Македонија расте разочарувањето од бавното темпо на процесот на пристапување во ЕУ. Многумина велат дека иако сакаат членство во ЕУ за земјата, тие се уморни од тоа што нивниот идентитет е оспоруван на секој чекор.

„Проблемот со јазикот е важен за нас“, вели Трпе Ристоски (49). „Нашиот јазик е македонски и нема да прифатиме ништо друго. Додека просечните луѓе не можат да влијаат на политиката, јас не можам да прифатам дека јазикот не е македонски. Сè друго е вештачко“.