Политичка шизофренија


ПЕТАР АРСОВСКИ

Во моментов во Македонија се одвиваат два паралелни процеси. Првиот е процесот на неопходно чистење на општеството, политиката и државниот апарат од спрегите со „подземјето“. Тука мислам на отплеткување на безбедносните, државните, судските, политичките и деловните врски со криминалците, сивата страна на законот, парадржавата, криминалните и други структури и агентури, како и на меѓусебниот клиентелизам.  Ова се врски кои се создавани во долгиот период на чекање пред портите на нормалниот свет (за нас, евроатлантските интеграции), во текот на кој сме направиле извесен вид „бејрутизација“ на политиката додека бевме заглавени во жабарникот.

Ова не е исклучиво наш феномен – многу земји ги имаа истите проблеми, каде што не се знаеше дали некој е полицаец или криминалец, дали некој е политичар или олигарх, каде што клиентелизмот и корупцијата метастазираа до ниво на целосна симбиоза со системот и негово комплетно кочење. Поголемиот дел од балканските земји го имаат истиот проблем. Овој систем на меѓусебно чешкање е комотен сè додека не се исправи пред посериозен предизвик, кој најчесто доаѓа кога земјата треба да влезе во НАТО и ЕУ. Тогаш, под притисок на строгите правила, меритократијата, но и од политичка одлука дека сите земји мора да се исчистат од овие врски пред да влезат во ЕУ и НАТО, кај најголем дел од земјите имаше еден период на форсирано расплеткување на едните од другите структури.  Во Хрватска, на пример, тоа заврши со серија судски процеси за организирана корупција, во Бугарија со серија убиства, во Србија имаше еден обид со операцијата „Сабја“ (по убиството на Ѓинѓиќ) – секому според заслугите. Ние се наоѓаме во таков процес, од кој „Рекет“ е само еден симптом. Суштината е подлабока и секако, посериозна.

Проблемот е што паралелно со овој процес, неопходно е да се одвива и процес на градење општествен консензус за коренитите промени и реформи кои мора да следат на патот кон ЕУ.  Меѓу другото, консензус е потребен и за чистењето. Овие два процеса кај нас се во конфликт – едниот го усложнува другиот, најмногу зашто нашата политичка и општествена сцена е преплавена со корумпирани клиентелисти, трговци со влијание, на крајот и со структури кои едноставно не сакаат да влеземе во НАТО. И така, колку што го форсираш едниот процес, вториот се усложнува и станува понеизвесен.

И така, Македонија се наоѓа длабоко во сопственото чистилиште. Прашањето што е суштинско за нас сега е дали тие два процеса воопшто е возможно да се одвиваат заедно? Или треба едниот да има предимство, предност?  Оттаму се дилемите во јавноста, кои не се нелегитимни.

Некои велат нема помирување, подземјето мора да се победи. Младенов велеше „тука нема компромис“. Проблемот е што Македонија е поспецифичен случај со сѐ уште отворени национални и идентитетски комплекси.  Ако одлучиме дека е невозможно да се чистиме со консензус, тогаш чистењето ќе стане агресивно, брутално. Суштинскиот предизвик е како, доколку на „чистачите“ им се остават отворени раце, да спречиме дека тие, со текот на времето, ќе посегнат по истите методи како оние што треба да ги чистат. Оттаму, иако се согласувам дека во принципите и крајната цел не смее да има компромис, сметам дека во методите мора. Ние не смееме да дозволиме кон крајот на овој процес да имаме отуѓено, маргинализирано гласачко тело, целосно оставено надвор од процесите.  Тоа е рецепт за иредента и за рецидиви, за што најдобар пример е токму Србија.

Затоа, методите мора да бидат компромисни и мора да се работи паралелно на усогласување на принципите под кои сите утре треба да живееме. Не смееме да ги наметнуваме под изговор дека оние што не ги делат се нееманципирани, нееволуирани или корумпирани, сеедно. Тоа бара жртва во можните резултати, но и во брзината на процесот.

Затоа, сега прво мора сите да ги стегнеме забите и да го направиме неопходното за отпочнување на преговорите и за завршување на НАТО-ратификацијата. Тоа за Мицкоски значи поддршка за СЈО, за Заев поддршка за чистењето, за ДУИ и Ахмети целосна реформа и расчистување со подземјето, за другите албански партии откажување од националниот романтизам. Потоа мора да се оди на избори на кои граѓаните треба да одлучат кој има поголем капацитет да ги спроведе процесите за кои зборуваме, а потоа следуваат коренити, но сепак технички реформи за државава да ја направиме уредено и пристојно општество.

На крајот, сигурен сум дека од сите страни на политичкиот спектар сакаат Македонија да биде нормално место за живеење. Но ако не го фатиме овој воз, ќе останеме во својата шизофренија на подолг рок.