Колку ќе поскапи струјата – РКЕ анализира, политичарите лицитираат
Опозицијата и министри од Владата „определуваат“ колку најмногу ќе поскапи струјата, што може да се протолкува и како политички притисок врз регулаторот
За колку ќе се зголемат сметките за електрична енергија по Нова година, е едно од најжешките прашања што ги преокупираат граѓаните, кои и онака секојдневно се соочуваат со нови повисоки цени за основните производи и услуги. Прогнозирањето, или поточно лицитирањето на новата цена на струјата стана омилена тема на политичарите – опозицијата ја заплашува јавноста дека ќе поскапи 30 – 40 отсто, од власта велат не повеќе од 10. Небаре станува збор за некоја кладилница во која секој сака за мал влог да добие нешто. Каде е тука регулаторот и дали поличарите ја деградираат независноста на оваа институција? Од Регулаторната комисија за енергетика, која е и надлежна за определување на цените на електричната енергија, постојано повторуваат дека нема да лицираат и дека ги прават неоподните анализи прред да донесат било каква одлука.
Така, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски порача денеска дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи.
Тој во интервју за МИА посочи дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.
Одговарајќи на прашањето дали е реално да се очекува поскапување на електричната енергија до 10 проценти по 1 јануари, како што велат политичарите, Бислимоски нагласува дека РКЕ нема да лицитира со цената на електричната енергија.
„Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО“, вели Бислимоски.
Тој додава дека двете компании пријавиле значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената.
„Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука. Потенцирам дека ние со цени нема да лицитираме додека не направиме анализи и за сето тоа ќе ја информираме јавноста колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија“, нагласува Бислимоски.
Според него најголем проблем е покривање на загубите и во преносната и во дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа станува збор за околу 15-16 милиони евра кои биле побарани, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра.
„Тоа се тие бројки коишто ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на берзата во Унгарија на ХУПЕКС денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа е фантастична цена и транспарентно го објавуваме и го кажуваме дека тоа има сериозно влијание и општо врз целокупниот пазар на електрична енергија не само во земјава, туку и во целиот регион“, вели Бислимоски за МИА.
Од друга страна, политичарите си прават сопствени математики. Така, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека далеку од вистината е она што деновиве беше пласирано од властите дека цената на електричната енергија нема да се зголеми повеќе од 10 проценти. Неговата прогноза е поскапување на струјата од 30 до 40 проценти, укинување на евтината дневна струја од 14 до 16 часот, но не и укинување на ноќната евтина струја и таа во недела.
Според него клучната грешка што, според него, власта ја направила изминатиов период е тоа што го оставила ЕВН Хоум сам да купува струја, наместо во процесот на надополнување на недостигот на струја да биде вклучен ЕСМ. Тој појаснува дека ЕВН Хоум е приватна компанија со регулирана дејност, која доколку недостигот го набавувала преку ЕСМ тогаш државата ќе можела да излезе во пресрет и да помогне. Во сегашната ситуација ЕВН Хоум нема да банкротира, според Мицкоски, а сето она што однапред е потрошено наместо на државен ќе треба да биде на товар на граѓаните. Друг проблем за неповолната состојба, според него, е РЕК Битола и недомаќинското работење на хидроелектраните кои летоска наместо да акумулираат вода за грејната сезона, произведувале струја и ја продавале. Според него на земјава и недостигаат 300 до 350 евра милиони евра за да го покрие периодот на грејната сезона, пофалувајќи се дека од власта побарале совет од него за тоа како да се реши ситуацијата за која тој предупредувал и претходно.
Но, не само опозицијата, туку и министри од Владата определуваат колку најмногу ќе поскапи струјата, што на некој начин може да се протолкува и како своевиден политички притисок врз регулаторот. Министерот за економија Крешник Бектеши во неколку наврати категорично изјави дека дека поскапувањето ќе биде најмногу 10 отсто.
„Ние ги направивме сите анализи, и не само јас како министер за економија, туку и другите институции беа вклучени како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто“, изјави Бектеши.
И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за онолку колку што тврдат дел од медиумите.
„Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или пак поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Како што докажавме на 1 јули, така и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба“, изјави Битиќи. Замрзнувањето на цената на струјата и на парното со цел да се спречи ценовен шок, според него, не е одржлива мерка, а евентуалното укинување на евтината тарифа е одлука која треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
Нешто поумерен е министерот за финансии Фатмир Бесими, кој вели дека нема да има значително зголемување на цената на струјата. Конечната одлука, како што рече, ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, но очекувањата на Владата се дека зголемувањето нема да биде значително.
„Владата има пресметки и затоа одлуката на Владата, како сопственик на ЕСМ, е со која цена да се оди кон универзалниот снабдувач. Тоа е јавна политика на Владата – за да се ублажи ценовниот ефект, се оди со пониска цена на чинење на електричната енергија. Затоа, буџетски средства одат кон ЕСМ за да се покрие таа загуба и да се ублажи ценовниот ефект“, рече Бесими, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Потсети дека кон ЕСМ се насочени четири милијарди денари и дополнителни 980 милиони денари. Дополнително, во Буџетот за 2022 година планирани се и средства за докапитализација на ЕСМ. Како мерки кои се во насока на поддршка на граѓаните, Бесими ги посочи и намалувањето на ДДВ и финансиската помош од илјада денари за социјално загрозените семејства и 9.000 пензионери со ниски примања.
Како и да е, граѓаните, но и компаниите со страв го чекаат денот Д, односно објавувањето на одлуката за новата цена. Бидејќи, колку и да биде поскапувањето, сиот товар ќе падне врз грбот на граѓаните
„Цехот од поскапата струја, ќе биде наш товар. Ние ќе си платиме се. Јас, Вие, граѓаните“, изјави вчера претседател на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. (М.Ј.)