Политичарите како ѕвезди на модното шоу за ВИ: Камала во костим за капење, Путин во боите на виножитото и Бајден во инвалидска количка


На Твитер, Елон Маск сподели интересно видео создадено со помош на вештачка интелигенција, а станува збор за модна ревија на која главни ѕвезди се политичките лидери.

Ревијата ја предводи папата Франциск, кој е во слично издание како на фотографиите со вештачка интелигенција кои претходно станаа вирални, на кои тој носи преголема бела јакна и има бела чанта во раката.

Едно од најзапаметените изданија секако е она на Владимир Путин, кој на оваа модна ревија создадена со помош на вештачка интелигенција носи фустан од Луј Витон во бои на виножито.

 

Посебно е интересно што Џо Бајден по повлекувањето од кандидатурата за претстојните претседателски избори во САД беше претставен во инвалидска количка.
Самиот Маск се појавува на модната писта во костум кој потсетува на оној што го носат астронаутите, а на него е истакнато логото на Tesla.

Доналд Трамп носи портокалов костум на Луј Витон кој наликува на облеката што ја носат затворениците во американските затвори.

Тука се и Ким Џонг Ун, Ненси Пелоси, Џастин Трудо во фустан, како и Барак Обама кој се појавува во неколку различни изданија – почнувајќи од црн костум, преку кимоно, па облека во гладијаторски стил и комбинација со супер Марио печатење.

Камала Харис е на пистата во костим за капење и здолниште со зборовите „Kamala 2024“, а тука се и Берни Сандерс, Џеф Безос, како и Бил Гејтс, кој носи екран кој потсетува на колапсот на ИТ системот од пред неколку дена.